„Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси“, рече Алексовски
Зад разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски се крие обид за инсталација на партиски послушник на власта. Ова е денешниот коментар на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) откако вчера Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој потоа ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, од каде што е потребно да се добие мислење.
Според Александар Алексовски од правната комисија во СДСМ, се случува процес на партизација и политички упад во правосудниот систем на државата од страна на власта.
„Без разлика дали се согласуваме или не со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси“,
рече Алексовски на денешната прес-конференција.
Ова, според Алексовски, не е изолиран случај туку е за политичка намера.
Тој потсети на случајот со сопругата на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ која беше назначена за член на Судскиот совет, а сопартиец на Меџити во Советот на јавни обвинители.
„Ова не се реформи туку класична партизација. Мицкоски ги фрла на буниште реформите во правосудството, презема целосна контрола и партизација на институции кои треба да се независни“,
додаде тој.
Она што Алексовски го постави како прашање е дали постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи.
„Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди. Во Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата. Ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции“,
рече Алексовски.
Од партијата ги повикаа сите демократски сили, граѓаните, правните експерти и меѓународните институции да го следат овој процес и да не дозволат да биде уништена независноста на правосудната власт.
„Функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија мора да остане независна и да се врши без било какви политички притисоци“,
додаде тој.
Задолжението што го доби Правда произлегло по вчерашната владина седница на која се разгледувало мислењето од Министерството за кое пред една недела доби задолжение да го изготви.
Во мислењето доставено од Правда, како што рече владината портпаролка Марија Митева, биле забележани неколку состојби за кои вели дека се спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување се бара од страна на извршната власт, смета дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен.
Сепак, вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители кој, пак, има рок од 15 дена да одговори со мислење.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење по владина иницијатива за разрешување. При избор на државен јавен обвинител, Владата може да избере кого ќе предложи до Собранието само од оние кандидати пријавени на конкурсот за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.