Таа побара одговор и за тоа како полицијата била таму и не ја затворила дискотеката која, како што рече, очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди

Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите во услови кога цела година дискотеката работела без лиценца? Чија ако не ваша била одговорноста тоа да го провери тоа? Чија ако не ваша и на сите инспекторати кои ги водите била одговорноста да провери цела година дали има неправилности во работењето? Ова се дел од прашањата кои денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на прес-конференција ги адресираа до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, рече дека како партија денеска немале намера да држат прес-конференции и да ги попречуваат институциите со дневно-политички препукувања и со политизирање на темата.
„Денеска ние немавме никаква намера да држиме прес-конференции или да отвораме некакви политички прашања, уште помалку пак да обвинуваме. Тоа е затоа што имаме целосна одговорност и почит кон жртвите, настраданите и нивните семејства, дека луѓето тагуваат и тоа требаше да го направи секој одговорен политичар во оваа држава“,
рече Чупеска.
На ова обраќање, како што рече, биле поттикнати од последна прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за која рече „нè остави без зборови и нè принуди и ние да реагираме“.
„Леснотијата со која министерот ја отфрли одговорноста од себе и од МВР со кое тој раководи повеќе од една година за оваа трагедија е стравотно“,
рече Чупеска.
Таа на прес-конференцијата, која започна со едноминутно молчење за загинатите во пожарот, рече дека сака да го потсети Тошковски дека е министер веќе 13 месеци.
„СДСМ веруваше дека министерот ќе има доблест да ја каже вистината, прецизно да ја лоцира одговорноста и да докаже дека нема намера да поштедува никој. Но тој не го направи тоа. Наместо тоа, Тошковски реши да политизира и да обвинува некој друг кога тој лично е како што кажавме министер цела година, а Владата ги има сите институции веќе девет месеци“,
рече Чупеска.
Таа побара одговор и за тоа како полицијата била таму и не ја затворила дискотеката која, како што рече, очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди.
„Како дискотека која никогаш порано, па дури и со старите лиценци, не смееле да работи после 1 часот работела до 3 по полноќ? Таму се организираат настани секој викенд, дали вие воопшто не мислите дека некој досега требало да провери?“,
се прашања што Чупеска ги упати до министерот.
Исто така, таа се осврна и на тоа дека Дирекцијата за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносни стандарди на сите објекти и праша дали тоа било направено и како се дозволило оваа дискотека да работи.
Во низата прашања што Чупеска ги упати до Тошковски се и тие за пиротехничките средства од кои е настанат пожарот.
„Како што се гледа од снимките, пожарот е настанат од пиротехнички материјали. Зошто молчите дека токму МВР ги издава и контролира овие компании и поединци кои управуваат со овие средства? Дали и кој е приведен и против кој ќе има постапка во МВР што во дискотека без активна дозвола се палеле пиротехнички материјали. Тука одговорноста е целосно во МВР, зошто молчите за ова?“,
праша Чупеска.
Дополнително Чупеска рече и дека оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба и праша кој дал согласност за тоа, кој дозволил да се реновира објект без дозвола и да се пушти во употреба?
„Дали тука и за што е тука одговорна општината за која велите дека нема никаква одговорност?“, додаде Чупеска.
Таа упати и порака до министерот Тошковски и рече оти жали што „во овие моменти имавте можност да докажете дека сте професионалец и пред се човек. Жалиме што со вашето однесување со целата пропаганда која се води на социјалните мрежи вие решивте да го политизирате овој случај. Нека ви служи на чест“.
Од партијата порачаа дека СДСМ бара темелна и независна истрага за целиот случај и апелираат до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и граѓаните да ја добијат вистината, а одговорните да одговараат.
„Апелираме до сите, немојте да го политизирате случајот, тоа е ужасно и болно пред се за оние што тагуваат по најблиските“,
додаде Чупеска.