За кои партии станува збор со кои СДСМ планира да разговара, Ковачевски не сакаше да открие. Вели дека се работи за партии кои се во владина коалиција со СДСМ, но не биле на заедничките листи на изборите во 2020 година
Во тек се разговори на СДСМ со коалициските партнери, но ќе има разговори и со политички партии коишто традиционално не се дел од коалицијата предводена од оваа партија.

Ова денеска го изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, кој рече дека СДСМ ќе има кандидатски листи во сите изборни единици.
„Ние веќе имаме разговори со нашите коалициски партнери. Секако дека ќе има разговори и со политички партии коишто не се традиционално дел од нашата коалиција. Доколку се најде заеднички јазик, интерес, ако тоа го покажат анализите, ако го прифатат партиските членства и раководства, тогаш одлуката може да биде тие листи да можат да бидат проширени и со други политички партии“,
кажа Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод отпочнувањето на градежните работи за реконструкција на Универзална сала.
Во моментов, како што рече тој, се работи на определување на кандидатите и на листи со коалициските партии со кои СДСМ традиционално оди на избори.
„Тоа се коалициски партнери кои обезбедиле на државата и членство во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската Унија, враќање на демократијата, слобода на медиумите, да не заборавиме дека во 2016 година Северна Македонија според слободата на медиумите беше на 138. место во светот за да сега биде на 38. место во светот“,
рече лидерот на СДСМ.
За кои партии станува збор со кои СДСМ планира да разговара, Ковачевски не сакаше да открие. Вели дека се работи за партии кои се во владина коалиција со СДСМ, но не биле на заедничките листи на изборите во 2020 година.

Појасни дека засега нема преговори, но оти може да има разговори врз основа на анализите што во моментов се прават во партијата.
„Немаме преговори, меѓутоа може да има разговори врз основа на анализи коишто во моментов се прават врз основа на емпириски истражувања и врз основа на сондирање на расположението на членството да бидат во коалција со одредена партија. Се работи за партии коишто се во владината коалиција со СДСМ, а коишто не биле на заедничките листи на последните избори во 2020 година“,
изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз.