Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, посочи вчера Мицкоски, се состои од неколку клучни столба и во неа се содржани 1 198 проекти за решение на проблемите на граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните им нуди само празни ветувања, реагираат од владејачкиот СДСМ откако партијата на Христијан Мицкоски вчера ја промовира својата програма за претстојните парламентарни избори насловена како „Платформа 1 198“. Во неа, како што истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се содржани 1 198 проекти за решение на огромен број проблеми на граѓаните
„ДПМНЕ наместо програма, на граѓаните им нуди нови празни ветувања. Тоа е партијата што едно ветува, а друго прави. Скопје е најголем пример за тоа што се случува кога ДПМНЕ добива власт. Ветуваа модерно Скопје, а создадоа хаотичен, запуштен, нечист град, со јавни претпријатија заглавени во долгови. Ветуваа бесплатен превоз, а го оставија градот без јавен превоз. Ги нема ветените 250 нови автобуси, наместо мегапаркови, на сите страни никнуваат депонии. Така ДПМНЕ функционира, едно зборува пред избори, а кога ќе добие власт, заборава на граѓаните и се грижи само за своите интереси“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, посочи вчера Мицкоски, се состои од неколку клучни столба.
„Прво, активна и постојана борба за квалитетен животен стандард. Она што им е најпотребно на луѓето е всушност пристоен живот. Второ, отворање на фронт против корупција. Трето, институциите да работат според законите. Четвртиот столб е обезбедување на функционален систем за граѓаните. Петто е заеднички патриотизам кој во суштината е патриотизам кој обединува. И шестиот столб е непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето“,
рече лидерот на најголемата опозициска партија.