Ги повикуваат Тошковски и Мицкоски да се одважат и во следните 24 часа да постапат согласно наодите, во спротивно опозициската партија најавува дека во целост ќе го објави случајот со косовската претседателка на аеродромот во Скопје
Опозициската СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека по секоја цена се обидува да го заштити членот на обезбедувањето на Африм Гаши, кој, како што велат од партијата, предизвика инцидент на аердодромот при посета на косовската претседателка Вјоса Османи. Оттаму прашуват дали ВМРО-ДПМНЕ коленичи пред коалицискиот партнер.
„Согласно информациите кои ги имаме во детали, членот на обезбедувањето на Гаши тешко ги прекршил своите овласувања, за што треба да биде прво итно суспендиран, а понатаму и кривично гонет. Фактите околу неговата улога во инцидентот во детали ги има МВР и внатрешна контрола и тие недвосмислено упатуваат на суспензија и судска постапка против него. Сега прашањето е зошто чекаат да го суспендираат, а понатаму и процесираат? Дали повторно ВМРО-ДПМНЕ коленичи пред коалицискиот партнер и се обидува да ги заштити?
се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше полна уста навреди како СДСМ биле потчинети во Владата, а неговата партија буквално замижува пред неколку сериозни испади и инциденти на коалицискиот партнер. Оттаму ги повикуваат Тошковски и Мицкоски да се одважат и во следните 24 часа да постапат согласно наодите во спротивно во целост ќе го објават случајот.
„Повеќе од јасно е дека се обидуваат да ги скријат фактите и да го заштитат обезбедувачот на Гаши, ова е недозволиво и спротивно на сите ветувања на Мицкоски во предизборието, во кои ветуваше неселективно спроведување на законите“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Имено, во четвртокот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.
Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер. Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој ѝ направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.