Владејачкиот СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека опозициската партија сѐ уште не може да се помири со вистината за случајот „Рекет“, кој тие го монтирале, со цел да го спасат бизнисменот Орце Камчев за предметот на СЈО „Империја“. Реакцијата доаѓа по објавеното видео на Јутјуб од анонимен корисник, на кое во домот на Бојан Јовановски може да се видат и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Според СДСМ, фактот што за „Рекет“ има правна разрешница е најдобра потврда дека сите што се огрешиле пред законот ќе одговараат.
„ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не може да се помири дека вистината за случајот кој тие го монтираа со цел спасување на нивниот финансиер преку рушење на предметот ‘Империја’, конечно излезе на виделина. Фотографии и видеа кои со месеци се пласираат од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се прикаже наводна поврзаност на министрите на СДСМ со веќе осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева се јалов обид за дискредитација во кампањата. Правната разрешница на овој случај е најдобриот демант за тоа дека министерката Шекеринска или кој било друг од СДСМ е инволвиран во овој случај“,
велат од СДСМ.
Во последните неколку недели на Јутјуб се појавија повеќе видео и аудиоматеријали, како за власта така така и за опозицијата. Кога е во прашање Христијан Мицкоски, најмногу реакции имаше за снимките дека тој се среќавал со осомничениот во „Империја“, бизнисменот Орце Камчев, но и сега веќе осудениот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец. Во тие разговори можеше да се слушне како Мицкоски му вели на Кичеец дека се бори против предлогот за новото СЈО, а со тоа и против предметот „Империја“.
Претходно беа објавени разговори од кои се разбира дека Камчев ѝ простил долгови на ВМРО-ДПМНЕ откако Христијан Мицкоски стапува на претседателската позиција во партијата.
„Парно пред исклучување, немав вода. И такви како него беа неколкумина што ми подадоа рака. Мене тоа многу ми значи“,
вели Мицкоски во објавените разговори.