Од ВМРО-ДПМНЕ немаат лице да зборуваат за народните пари сѐ додека во „белиот дворец“ гледаат во раскошот и позлатените уметнички слики за кои им тропнаа и извршители на врата, возвратија од СДСМ на критиките што ги упати опозицијата откако Владата објави список со платите на премиерот, вицепремиерите и министрите за декември.
„Сокриени внатре во луксузната бела палата, синоним за расипичкото трошење на парите, ВМРО-ДПМНЕ е надвор од реалноста и далеку од интересите на граѓаните. Партија со блокирана сметка, со обвинети поранешни функционери за криминал, која блокира сѐ што е во интерес на граѓаните не може да лаже дека се грижи за граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се потпишуваат на седници, а не влегуваат внатре за да не обезбедат кворум за закони важни за граѓаните, како што е последниот пример со Законот за лекови. Нивниот заменик-министер во преодната влада, Цветан Труфуновски, кој освен опструкции не сработи ништо друго, побара апанажа која би му се платила со пари од граѓаните“,
се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека ВМРО-ДПМНЕ, додека била на власт, двапати ги зголемила платите на министрите.
„ВМРО-ДПМНЕ точно знае, но свесно лаже. Владата предводена од СДСМ, не само што не ги зголеми туку и ги намали платите за вицепремиерите, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која. кога беше на власт, дури двапати утврди зголемување на платите на своите министри. Владата предводена од СДСМ ја зголеми минималната плата на 14 934 денари од мизерните 9 000 денари на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги заокружија дури после 10 години владеење, растат просечните плати и просечната исплатена во ноември 2020 изнесува 27 588 денари, истовремено растат и пензиите. Во време на пандемија владата предводена од СДСМ успеа да донесе и нови странски инвеститори, со што ќе се отворат и нови работни места за граѓаните. Време е и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чесно да си ја заработат платата во Собранието и конечно да почнат да одат на работа, на местото на кое ги избрале граѓаните за кое од државниот буџет им се исплатуваат плати секој месец“,
се вели во партиското соопштение.
