Социјалдемократите обвинуваат дека градоначалничката заради лични каприци ги прекинува трите капитални проекти: „автобуското метро“ и двата моста во Аеродром и Карпош
СДСМ денеска уште еднаш ја прозва градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за поништувањето на проектот за „Бас рапид транзит“ (БРТ) системот нарекувајќи го овој потег скандалозен, но уште поскандалозна на нарекоа најавата за прекинување на изградбата на двата моста на булеварот АСНОМ во Аеродром кон Гази Баба и на тој на улицата „Љубљанска“ во Карпош.

„Мостот на АСНОМ веќе е во поодмината фаза и сè што требаше е Арсовска да ја продолжи неговата изградба. Мостот го олеснува и го намалува сообраќајот за цел Аеродром но и за Гази Баба. Мостот на ’Љубљанска‘ има целосен проект и средства обезбедени од Владата преку ТАВ програмата. Важен за граѓаните на Карпош но и за Центар. Ова е несериозно, политикантско однесување на Арсовска која прекинува три капитални проекти единствено заради лични каприци. Градоначалничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска, покажува неспособност на штета на интересите на граѓаните, на штета на идниот развој на Град Скопје“,
изјави денеска Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ.
Социјалдемократите ја обвинуваат градоначалничката дека во првите два месеци од мандатот ништо не работела, а единствено нешто што го правела било поништување и прекинување на проекти.
*Поврзани вести:
Арсовска го стопираше тендерот за „автобуско метро“
СДСМ за „автобуското метро“: Заради каприц, Арсовска го укинува проектот договорен со ЕБОР
Град Скопје: Ако се реализира проектот БРТ, градот ќе остане без голем број дрвја и зеленило
Арсовска: Проектот за бесплатен јавен превоз ќе се реализира за две години