Со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што не ги коментираат наводите дека фирма на Петар Георгиевски Камиказа го обезбедила озвучувањето за новогодишната прослава во главниот град, туку единствено велат дека овој настан чинел 100 илјади евра помалку од прославата на Шилегов
Дали фирмата на кандидатот за градоначалник Петар Георгиевски Камиказа – „КЛС“ била ангажирана околу озвучувањето на новогодишната прослава на градскиот плоштад, прашуваат денеска од СДСМ, посочувајќи дека „изминуваат два месеци од изборот на градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, а граѓаните на Скопје не гледаат дека во градот нешто се работи“.
„Колку пари чинел ангажманот на КЛС за новогодишната прослава или дали е тоа донација? Ако е донација тогаш таа треба да мине низ Советот на град Скопје, ако се работи за спонзорство, тогаш треба да има договор за спонзорство. Данела Арсовска им должи одговори на скопјани на овие прашања“,
изјави денеска советникот на СДСМ во град Скопје, Мартин Попов.
Според него, во буџетот на градот за оваа 2022 година не е развоен и не е направен според потребите на граѓаните.
Во буџетот, спореднего, не се предвидени пари за важни проекти, како нови паркови, зелени покриви, велосипедски патеки.
„Нема пари за ниту една велосипедска патека, ниту еден вело паркинг, нема опрема за автобусите да превезуваат велосипеди, нема субвенции за дополнителна опрема. Наместо за зеленило и заштита на животната средина, наместо во капитални проекти, Арсовска парите на скопјани ги планира за вдомувања на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Дали во Буџетот има пари за коалициските партнери на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Попов на прес-конференција.
Со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што не ги коментираат наводите дека фирма на кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје го обезбедила озвучувањето за новогодишната прослава во главниот град, туку единствено велат дека овој настан чинел 100 илјади евра помалку од прославата што „Шилегов ја направи на криминален начин и за која ДКСК покрена иницијатива за разгледување“.
„Прославата на Арсовска скопјани ги чинеше нула денари, за разлика од тие кои ги организираше најбогатиот градоначалник во Европа, Петре Шилегов. Од ваквите автоголови и лаги на СДСМ и на Мартин Попов, кој го пуштаат очигледно низ вода, на јавноста и е преку глава. Прашањето на кое требаше да одговори СДСМ денес е: Како граѓаните да го преживеат новото второ поскапување на струја од над 15 проценти, новото поскапување на парното греење за 14,05 проценти и новото поскапување на метанот за 120 проценти“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Петар Георгиевски Камиказа беше еден од 12 кандидати за градоначалник на Скопје, на локалните избори во октомври минатата година, на кои Арсовска однесе победа во вториот круг. Левица, која го кандидираше Георгиевски за градоначалник, сега е дел од новото мнозинство во Советот на град Скопје, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа кандидатурата на Арсовска и со Алијансата за Албанците.