Мицкоски велеше дека немаме доволно струја од домашно производство. Сосема спротивно, АД ЕСМ произведува струја која во целост, 100 отсто ги покрива потребите за струја, вели Георгиевска
Сè што Мицкоски кажа за енергетиката, излезе погрешно. Во ек на глобална економска и енергетска криза јавноста, граѓаните, се изнаслушаа изјави и прогнози од страна на Христијан Мицкоски и сите тие се покажаа неточни. Ова денеска на прес конференција го истакна Марија Георгиевска, пратеничка од СДСМ, по утринските обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека РЕК „Битола“ и „Осломеј“ работат со половичен капацитет и дека струја се увезува.
„Уште минатата година Мицкоски лажеше дека нема јаглен доволно во земјата или поточно дека има уште за два дена. Оттогаш, поминаа точно 392 дена, јаглен има доволно а термоелектраните го зголемија производството за 25 отсто. Мицкоски велеше дека немаме доволно струја од домашно производство. Сосема спротивно, АД ЕСМ произведува струја која во целост, 100 отсто ги покрива потребите за струја“,
рече Георгиевска.
Таа додаде дека домаќинствата, малите потрошувачи се снабдуваат со 100 отсто домашна, македонска струја, со што се зајакнува енергетската независност на државата и се штедат пари затоа што нема скап увоз.
„Со месеци Мицкоски повикуваше да се набави гас за целата грејна сезона, во период кога цените на овој енергенс рушеа рекорди. Доколку се набавеше гас во изминатите неколку месеци за целата грејна сезона, ќе се платеа 100 милиони евра плус сметајќи по сегашната цена на берзите, а која и натаму паѓа. Одлуката на Владата, економските ресори и АД ЕСМ да не се набавува во тој период за цела сезона, даде резултат“,
нагласи Георгиевска.
Истовремено, додаде таа, со договорот за интерконекторот кој беше потпишан со Бугарија, ќе ни овозможи поголема понуда и поголема конкурентност во снабдувањето со гас од 1 јануари 2023година.
„Ете колку нема познавање Мицкоски од енергетика, се што тој кажа и предвидуваше, на крајот излезе погрешно. Мицкоски уште еднаш покажа дека не се разбира во енергетика. Може и треба да учи од Ковачевски“,
рече Георгиевска.