Ноќта на 31 октомври, кога ја најави оставката, Заев посочи дека на терен биле видливи многу пари кај опозицијата, оценувајќи дека тие пари значајно придонеле за изборниот резултат
Дали таткото на пратеникот Јован Јаулески учествувал во нелегално финансирање политичка партија, прашуваат денеска од СДСМ откако во домот на родителите на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вчера влезе финансиската полиција.
„Вчера се објавија информации дека Управата за финансиска полиција спроведува предистражна постапка за препродажба на нива, поврзана со нелегално финансирање на политичка партија. Истовремено, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, лажно обвинуваше дека се врши претрес во неговиот дом, иако подоцна се потврди дека претресот не бил во неговиот стан, туку во станот на неговиот татко. Оттука логично се поставува прашањето дали таткото на Јаулески учествувал во нелегално финансирање на политичка партија за што Управата за финансиска полиција врши предистрага? Дали парите од препродажбата завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа оваа партија веднаш се стави во заштита на Јаулески и неговиот татко? Одговорите на овие прашања очекуваме да ги даде истрагата што се спроведува од надлежните институции“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Ноќта на 31 октомври, кога најави оставки на челните позиции во СДСМ и во Владата, Зоран Заев посочи, меѓу другото, дека на терен биле видливи многу пари кај опозицијата, оценувајќи дека тие пари значајно придонеле за изборниот резултат.
„Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно однадвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини Дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред сѐ газди на градежни компании, заради нивни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“,
изјави тогаш Заев
Пратеникот Јаулевски вчера претпладне обвини за притисок пред седницата за недоверба на владата, тврдејќи дека Финансиската полиција упаднала во неговиот дом и вршела претрес.
Од Финансиската полиција, пак, соопштија дека цел на акцијата не бил пратеникот Јаулевски, кој во Скопје имал пријавено различна адреса на живеење од неговите родители.
Според Финансиската полиција, станува збор за предистражна постапка која се спроведува во координација во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени во ‘ЕВН електрани’ ДООЕЛ и ‘ЕВН Македонија’ АД Скопје“,
информираа од Финансиската полиција.