А, кога се сликаше на Водно како се качува Мицкоски, имаше ли проблем со колениците? Мицкоски лаже и си игра мајтап со тие што го плаќаат – граѓаните, реагираат од СДСМ

СДСМ реагира на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека во Вашингтон патувал со бизнис-класа поради проблеми со колената. Оттаму велат дека премиерот се луксузира со луксузни патувања и скапи авионски билети до 20 000 евра, кои се платени од народни пари.
„Со смеа и неверување јавноста и граѓаните ги слушнаа ‘оправдувањата’ на Мицкоски дека причина биле проблеми со колениците. Дали сите 3 министри во Владата на Мицкоски кои беа во Вашингтон на државна сметка имаат исти проблеми со колената, па мораат да патуваат со бизнис-класа? А, кога се сликаше на Водно како се качува Мицкоски, имаше ли проблем со колениците? Мицкоски лаже и си игра мајтап со тие што го плаќаат, граѓаните“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Зборувајќи во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизијата Телма, Мицкоски рече дека неговото патување во бизнис-класата било на прекуокеански релации и тоа Виена – Вашингтон и Њујорк – Виена. На летот од Скопје до Виена и обратно, како што рече, бил во економска класа.
„Кога патував од Виена до Вашинготн и од Њујорк до Виена, патував со бизнис-класа, бидјеќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-тиот и 12-тиот ред. Кога летав за Лондон (на самитот на Европската политичка заедница, н.з.), седев помеѓу 11-тиот и 12-тиот ред од седиштата на компанијата ‘Аустриан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина така ќе биде“,
кажа тој.