Пред почетокот на продолжението на собраниската расправа за францускиот предлог од СДСМ повикуваат сите пратеници да ги поддржат заклучоците на нивната пратеничка група, бидејќи како што велат, ги штитат јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.
„Со овие заклучоци се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија“
порачаа од СДСМ.
Заклучоците како што велат од СДСМ ќе бидат задолжителни за секоја идна Влада, а преговорите ќе треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта ја понижува државата, а премиерот Ковачевски го обвинуваат за предавство.
„Предавникот Ковачевски ќе лежи во затвор за тоа што и го прави на Македонија и на народот. Предавникот Ковачевски спротивно на волјата на народот го турка предлогот за бугаризација. Во тоа свое предавство сака да ги вовлече и пратениците од СДСМ кои во Собрание треба да ја гласаат информацијата“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.