Владејачката партија уверува дека во понудениот пакет е заштитен македонскиот јазик и идентитет, опозицијата не сака да расправа за документот и го повикува собрансикиот спикер да и го врати назад на Владата
Ниту во викенд нема пауза за партиските штабови кои и денеска пред јавноста ги изнесуваат аргументите „за“ и „против“ предлогот кој од пред два дена влезе во Собранието.
СДСМ смета дека парламентот е вистинското место за олука за последниот предлог за почеток на преговорите со ЕУ.
„Сите парламентарни партии имаат одговорност пред граѓаните и пред државата, да се вклучат во процесот и преку дебата и конструктивност да придонесат во носењето на конечната одлука. Потребна е одговорност и мудрост од сите пратеници, ова е надпартиско прашање.Тоа што ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски бегаат од дебата за вакво важно прашања за иднината на нашите граѓани и нашата држава покажува дека се плашат од вистината, се плашат дека ќе пропаднат сите нивни лаги и измислици. Со последниот европски предлог имаме чист македонски јазик во ЕУ, без додавки и фусноти, македонскиот идентитет е целосно заштитен , а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес“,
изјави денеска портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Социјалдемократите побараа ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се откажат, од како што ги нарекуваат, деструктивните сценарија.
ВМРО-ДПМНЕ не се повлекува од позицијата дека предлогот е „асимилаторски и понижувачки со кој се блокира македонската интеграција во ЕУ“.

„Владата под итно треба да го отфрли овој предлог за кој најпрвин глумеше дека го одбила, за да после тоа на невидено да го прифати и да глуми некакви консултации со самопрогласени владини експерти кои се платени токму од Владата, односно од народот. Народот на Македонија веќе и’ ги испорача потребните консултации на Владата, односно секојдневно кажува НЕ на бугаризацијата и бришењето и исчезнувањето на македонскиот народ. Што се однесува до доставениот лист хартија во Собрание, го повикуваме Талат Џафери како и до сега што враќаше предлози на закони за погрешна запирка или фрлаше амандмани на опозицијата во канта, да го врати листот хартија во Влада како некомплетен и понижувачки“,
вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека в понеделник ќе се одржи координација во парламентот за да се одредат наредните чекори околу доставениот предлог и кога би можела да се закаже седница за негово разгледување.