„За само две ипол годни ја стабилизиравме и зајакнавме домашната економија, затоа што кога економијата расте, граѓаните добиваат.“
Ова е дел од реклама која деновиве граѓаните можат да ја слушнат на националните телевизии во земјава. Станува збор за кампањата „На прав пат“ која ја почна Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), за која во моментов од партијата не сакаат да откријат колку чини рекламирањето. Вкупната сума ќе ја соопштат откако таа че заврши.

За кампањата, велат дека е отчет пред граѓаните за сработеното.
„Станува збор за партиска кампања платена од сопствени средства, не се користат пари на граѓаните и навистина одиме со скромни износи. Ние сме одговорна и домаќинска партија. Сето тоа влегува во нашиот финансиски извештај“, велат од партијата за „360 Степени“.
Како што посочуваат извори од СДСМ, кампањата во моментов се емитува на шест национални и неколку регионални телевизии. Дневно одат од 4-6 минути, а целата кампања ќе трае вкупно десетина дена. Тогаш, најавуваат, и ќе соопштат колку пари се дадени за рекламирањето.
„На прав пат“ е кампања која социјалдемократите два месеци интензивно ја спроведуваа на терен. Ја почнаа викендот на 5-6 октомври од Штип, од кога и официјално ги сменија партиските бои во црвено-бела односно се „облекоа“ во боите на Партијата на европските социјалисти. Се организираа трибини и посети во речиси сите градови во земјава. Последната трибина се одржа вчера во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Еден викенд претходно, пак, и ВМРО-ДПМНЕ од Битола почна своја кампања „Разговори за обнова на Македонија“. И тие организираа настани и посети низ повеќето места во земјава, а целта како што соопштија, меѓудругото им беше да ги слушнат проблемите и потребите на граѓаните за потоа да ја направат партиската програма со која ќе излезат за парламентарните избори.
Изминатите два месеци наликуваа дека сме во екот на предизборна кампања иако датумот за избори беше договорен подоцна, но надлежните не видоа ништо спорно во однос на Изборниот законик.
Во изјава за медиумите, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски тогаш рече дека нема кршење на Изборниот законик, бидејќи забраната за партиски активности се активира од моментот кога ќе се поднесат пратеничките листи и трае до почетокот на кампањата.