Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и идентитет. Да бидеме горди Македонци во ЕУ, да седиме на големата маса во Брисел рамноправни, силни и побогати од денеска, рече Ковачевски

СДСМ денеска од Битола ја започна серијата граѓански трибини, на кои заедно со граѓаните отворено ќе се разговара за мерките и политиките на партијата. Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ги презентираше досегашните преземени мерки, идните политики, како и концептот за визијата и иднината на Северна Македонија.
„Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и идентитет. На тоа сум посветен, на тоа работам. Да бидеме горди Македонци во ЕУ, да седиме на големата маса во Брисел рамноправни, силни и побогати од денеска. Се грижиме за граѓаните и за стандардот, но и гледаме напред, за нашите деца да можат горди и со крената глава да ја градат својата иднина дома, во земја членка на ЕУ“,
истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на граѓанската трибина на СДСМ „Силно и одлучно кон иднината“.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека е направен историски исчекор во евро- интеграцискиот процес – започнати се преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет.
На трибината „Силно и одлучно кон иднината“, Ковачевски потенцираше дека опозицијата е заглавена во криминалната матрица, без државнички капацитет на кои поважно им е пласирањето на фабрикувани невистини, за наводна асимилација, бугаризација и за загрозување на идентитетот, организирање насилни протести, со единствена цел за исполнување на нивните лични интереси.
„Со мудрост, лидерство, одлучност сите тие антидржавни обиди беа неутрализирани. Започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски идентитет после 17 години чекање. Тоа е наш влог во иднината на земјата. Силно и одлучно кон иднината е наша одлика и на сите треба да им биде јасно дека нема да не поколебаат ниту нечесни политичари ниту нивните нечесни методи! ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица ниту се извинија, ниту пак честитаа за успехот на државата, но граѓаните гледаат и судат. Затоа им се случи првиот изборен пораз на првото изборно соочување откако јас сум на чело на СДСМ, граѓаните покажаа дека не сакаат деструктивност, враќање назад, кочење на државата”,
порача претседателот на СДСМ Ковачевски.

Ковачевски потенцираше дека СДСМ е државотворна партија, секогаш на вистинската страна и во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за Европска Македонија.
„Изборите ќе бидат редовни во 2024 година. Во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за eвропска Македонија. Следната политичка борба на оваа наша генерација е битката за Европска Македонија, која повторно ја предводиме ние од СДСМ“,
порача Ковачевски и додаде дека македонска иднина е европската, иднина на модерно, економски развиено општество со еднакви шанси за сите.
Ковачевски, исто така, ги презентираше мерките и економските политики кои ги превзема СДСМ во услови на светска неизвесност и енергетска криза најголеми по Втората Светска војна. Ковачевски посочи дека во време на криза, никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.
СДСМ се грижи за сите посебно во време на криза, должност е да им обезбедиме пристојна старост на пензионерите. Затоа СДСМ преку своите политики постојано работи и ги зголемува пензиите, посочи Ковачевски.
„Реализиравме прв пакет од економски мерки вреден 400 милиони евра за поддршка на граѓаните и компаниите. Со тоа навремено реагиравме и ги ублаживме шоковите од кризата. Продлабочувањето на светската криза донесе потреба од нов сет на мерки, па во консултации со сите засегнати страни донесовме нов пакет мерки, вреден 360 милиони евра. Над 200.000 граѓани финансиски ќе ги помагаме во следните четири најтешки месеци. Државната помош продолжува и за компаниите, а најдоцна до први декември ќе го претставиме посебниот пакет мерки за компаниите кои произведуваат основни производи како леб и масло за јадење“,
рече Ковачевски.