Не се утврдени кандидати за неколку општини во кои СДСМ има повеќе претенденти за градоначалничка кандидатура, покрај досегашните градоначалници кои се од редовите на партијата, како Куманово, Струмица, скопски Центар…
Дванаесет од вкупно 16 кандидати за градоначалници, што се утврдени на вчерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ, се нови имиња, објави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција. Тој посочи дека владејачката партија веќе има утврдено кандидатури за 50 општини и за градот Скопје.
Не се утврдени кандидати за неколку општини во кои СДСМ има повеќе претенденти за градоначалничка кандидатура, покрај досегашните градоначалници кои се од редовите на партијата, како Куманово, скопски Центар, Крива Паланка… Не се утврдени кандидати ниту за Битола, Струмица и Кочани и за уште неколку скопски општини…

Николовски рече дека тоа што има повеќе нови кандидати не значи откажување од никого, туку давање шанса на нови и помлади лица.
Тој рече дека целата кадровска понуда за престојните избори, вклучително со кандидатите за советници, би била заокружена до крајот на месецот.
ИО на СДСМ вчера ги утврдил кандидатурите за градоначалници на:
Горан Сугарески во Прилеп: Доскорешниот директор на Царинската управа и поранешен министер за транспорт и врски и пратеник ќе се натпреварува во Прилеп место неговиот сопартиец – лекарот Илија Јованоски, кој беше градоначалник во изминатите четири години.
Сашо Велковски во Свети Николе: Во оваа општина СДСМ оди на изборите со досегашниот градоначалник, магистар по економија.
Душко Весковски за Карпош: Директорот на „Водовод и канализација“ – Скопје ќе биде кандидат наместо досегашниот градоначалник Стефан Богоев, за кого Николовски рече дека ќе премине на висока државна функција.
Хамдије Елезовиќ во Тетово: И покрај најавите за коалицирање со ДУИ, СДСМ реши во првиот изборен круг од овие локални избори да оди со свој кандидат за градоначалник на Тетово, односно со стоматологот Елезовиќ, така што поддршката за кандидатот на ДУИ веројатно би била во вториот круг, доколку нема победник уште при првото гласање. Во 2017 година, СДСМ во Тетово ја поддржа кандидатурата на сегашната градоначалничка Теута Арифи.
Александар Филиповски за Аеродром: И во оваа скопска општина, како и во Карпош, СДСМ оди со нов кандидат, поранешен пратеник, наместо досегашниот градоначалник Златко Марин.
Сашо Стојановски за Сопиште: Во оваа општина во околината на Скопје, градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори СДСМ таму го кандидира за градоначалник координанаторот на советничката група на партијата во општината.
Дарко Блажовски во Јагуновце: Во оваа општина СДСМ му дава шанса за уште еден мандат на актуелниот градоначалник.
Горан Тодоров во Кавадарци: Во единствената урбана општина во која градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори СДСМ ќе настапи со претседателот на партиската општинска организација како кандидат за градоначалник, додека се уште е неизвесно дали досегашниот „прв кавадарчанец“ Митко Јанчев ќе добие поддршка од опозицијата за нова кандидатура. Во 2017 година, таму кандидат на СДСМ беше тогашниот пратеник Бетиане Китев.
Влатко Бојковски во Кратово: СДСМ го кандидира за градоначалник Бојковски, до скоро вработен во партиската централа, како инжењер по информатика, наместо досегашниот градоначалник Љупчо Бојаџиев.
Горан Крстев во Чешиново – Облешево: Ова е уште една од општините во кои владејачката партија оди на октомвриските избори со актуелниот градоначалник.
Виктор Ангелов во Зрновци: Ангелов, кој е машински инжењер, ќе ги брани боите на СДСМ во општината во која актуелниот градоначалнике од ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Тодоровски во Илинден: Во оваа општина, во која ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник во сите изминати години, СДСМ на овие избори оди со приватен стопанственик. Досегашниот и долгогодишен градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, пак, ќе му биде противкандидат на Тодоровски, ама првпат како независен кандидат, затоа што ВМРО-ДПМНЕ избра друго име за оваа општина.
Стевче Ристовски во Демир Хисар: СДСМ оди со нов кандидат и во Демир Хисар, земјоделски инспектор, наместо досегашниот градоначалник од оваа партија Марјанче Стојановски.
Ѕвонко Ангелов во Ново Село: И Ангелов, социјален работник, е ново име во градоначалничката трка, наместо неговиот сопартиец Никола Андонов, кој беше избран на дополнителни избори во 2019 година, по скандал со поранешниот градоначалник на оваа општина Боро Стојчев, кој, пак, беше избран во 2017 година.
Ненад Коциќ во Велес: И во оваа општина, СДСМ има нов кандидат, лекар, наместо актуелниот градоначалник од партиските редови Аце Коцевски, поранешен либералдемократ.
Мирко Стојановски во Брвеница, лекар, кој претходно бил кандидат за градоначалник.