Од владејачката партија велат и дека СДСМ криела оти приведените за убиството кај ТЦ „Мавровка“ побегнале од затвор во времето кога директори на установите биле лица поставени од СДСМ
Презентирајќи наоди за случајот со Блерим Рамадани во јавноста и тоа ни повеќе ни помалку туку во прашална форма, СДСМ покажува дека лажат и дека „ловат воматно“, но и дека на овој начин тие се обидуваат по секоја цена да го заштитат судијата Пајазит Пајазити, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму овој судија е причина за случајот со Рамадани. Овој судија наместо да одреди ефективен притвор за Рамадани, тој одреди домашен притвор. Да изречеше ефективен притвор, Рамадани ќе беше во КПУ ‘Скопје’ или затвор познат како Шутка. Оттука Пајазит Пајазити е судија кој е одговорен за бегството на Рамадани“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија сака да прикрие скандал за кој единствено виновни се токму тие или поточно сакаат да сокријат дека приведените за убиството кај „Мавровка“ избегале од затвор во времето кога СДСМ и ДУИ биле на власт.
„Пораката сега е јасна, институциите постапуваат навремено, а одговорност ќе има за секој кој го прекршил законот“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера, од опозициската СДСМ побараа одговори од Владата и од Министерството за внатрешни работи за случајот со бегството на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани. Пратеникот Трајчулевски рече дека неговата партија поседува информации од свиркачи кои се разликуваат од оние кои ги соопштија засегнатите институции и прашаа дали е точно дека на десетти август, кога Рамадани требало да биде во домашен притвор, всушност бил на Косово и дека истиот ден околу 18 часот и 40 минути, тој со возило, без да биде запрен на државната граница бил однесен на Косово, а доцна вечерта вратен во куќен притвор во Македонија