Ниту во Новата година ВМРО-ДПМНЕ не се разбуди како одговорна партија, туку и првиот ден од 2021 го започна со лажни вести, реагираат од СДСМ, откако опозицијата праша дали Филип Андонов викан Сокол, кој од неодамна е директор на Истражниот затвор во Скопје учествувал во инцидент во угостителски објект во Кисела Вода каде вербално биле нападнати полицајци .
„Не е вистина дека директорот на истражниот затвор „Скопје”, Филип Андонов учествувал во било каков конфликт со полициски службеници, ниту бил присутен, ниту пак е сопственик на локалот како што обвинува ВМРО фејк њуз ДПМНЕ. На Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им е срам и доволно што се посочени како извор на лажни вести во меѓународна студија на ЕУ, ниту демантите од странски амбасади кои јасно реагираа на лажните вести на функционери од партијата. Не ги свестуваат ниту шест порази како казна од граѓаните и наместо да ја научат лекцијата и конечно да застанат на страната на граѓаните, тие упорно продолжуваат со деструктивни политики, лажни вести и блокади, зошто поинаку не знаат. Едноставно, толку можат“,
се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ се повикаа на информацијата објавена вчера во некои медиуми дека по завршувањето на работното време на угостителските објекти во Кисела Вода дошло до инцидент каде вербално, со пцости и вулгарности се нападнати полицајци кои предупредиле за забраната за групирање.
