Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека СДСМ има коалициски договор со ДУИ за фалсификување на пописот, посочувајќи дека опозицијата ќе собира граѓански потписи за негово поништување
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување попис согласно меѓународните стандарди и пракси, порача на денешната прес-конференција пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска.
Таа ги повика пратеници да покажат одговорност и сериозност и да го поддржат Законот за попис на населението, за, како што рече, напролет конечно, по скоро 19 години да се спроведе оваа значајна статистичка операција.
„Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат за законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот со цел државата и натаму да нема податоци кои се важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии“,
порача Тасевска.
Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ го политизира пописот и дека партијата се става на спротивната страна на државните и национални интереси.
Посочи дека законот се заснова на транспарентност на процедурите и постапките на реализација на пописот, неутралност и објективност во сите фази на пописот, стручна независност на надлежните органи, користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци од пописот.
„Секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните, на површина излегува деструктивното, неодговорно и антидржавно однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Република Северна Македонија веќе деветнаесет години е без попис. Последниот попис во 2011 година не успеа токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ. Денес оваа партија повторно ја политизира оваа важна статистичка операција. Во Собранието, пред нас пратениците е законот за попис на населението, закон со кој се отвора простор оваа пролет да спроведеме попис согласно меѓународните стандарди, согласно прописите на Евростат. СДСМ има договор со граѓаните да спроведе попис кој ќе обезбеди точни и релевантни податоци“,
рече Тасевска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, утрово обвинија дека СДСМ има коалициски договор со ДУИ за фалсификување на пописот, посочувајќи дека опозицијата ќе собира граѓански потписи за негово поништување.
„Нема попис во кој може да се има доверба кога власта ги одби сите забелешки од опозицијата. Со ова однесување се покажа само колку насилнички се однесува власта. Попишување без никакви докази со диктирање матични броеви и врзани потписи нема никаде во светот, тоа може само да им одговара на коалициските апетити на расипничката власт и ништо друго. Додека СДСМ и Заев тераат попис по секоја цена, голем број на држави од Европа го одложуваат пописот поради пандемијата со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Но со ова СДСМ и Заев уште еднаш докажаа дека не им е битно здравјето на граѓаните“,
се наведува во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.