Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ иронично им посака среќа на избори во јуни, социјалдемократите реагираат дека опозициската партија секако ќе се најде на гласачкото ливче, затоа што веќе се утврдени и кандидатските листи за пратеници
Со реакција дека изборите се распишани и дека веќе се завршени повеќето изборни дејствија се јави СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави можност за бојкот, иронично посакувајќи им на социјалдемократите среќа на избори во јуни.
„Мицкоски може да бира само дали ќе води кампања или не, неговата партија во секој случај ќе се најде на гласачкото ливче“,
се наведува во реакцијата на СДСМ, алудирајќи на тоа дека веќе се утврдени и кандидатските листи за пратеници, како и редоследот на партиите на гласачкото ливче.
Според СДСМ Христијан Мицкоски сака да ја внесе државата во политичка криза само затоа што се плаши од изборен пораз.
„Токму Мицкоски се сложи за избори на 12 април. Токму ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, подддржа распишување избори, влезе во техничка влада, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, учествуваше во жребувањето и дури има и свое бројче на гласачкото ливче. СДСМ е одговорна партија и како и досега дава шанса на консензусот за важни прашања, но доколку нема договор, тогаш, по сила на закон, изборите ќе бидат на 21 јуни, 22 дена по истекот на вонредната состојба на 30 мај, ако таа не се продолжи“,
велат од СДСМ.