На пироманите од Левица и ВМРО-ДПМНЕ нема да им го дозволиме да го блокираат европскиот пат на земјата. Деструктивниот потпалувачки наратив на Левица и ВМРО-ДПМНЕ е под секое ниво и не е добар за општеството и повторно ќе биде поразен, велат од владејачката СДСМ

Најавите на Мицкоски дека одлучил ВМРО-ДПМНЕ да не номинира претставници во работната група за уставни измени кои се неопходни за продолжување на европскиот пат е само уште една потврда дека Мицкоски е против ЕУ и дека е во целосно заложништво на Левица, се вели во реакцијата од СДСМ по денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека со ова Мицкоски едноставно само го следи Апасиев и заедно се против ЕУ.
„СДСМ нема да се откаже од европската иднина. На пироманите од Левица и ВМРО-ДПМНЕ нема да им го дозволиме да го блокираат европскиот пат на земјата. Деструктивниот потпалувачки наратив на Левица и ВМРО-ДПМНЕ е под секое ниво и не е добар за општеството и повторно ќе биде поразен“,
се наведува во реакцијата од СДСМ и додаваат дека тие се рамо до рамо со граѓаните и оти ќе ги разобличат и овие промашени пропаганди на Левица и Апасиев.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени и дека тој веќе нема да да се занимава со таа тема.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“,
рече Мицкоски при неговата посета на селото Булачани во Општина Гази Баба.