Според нашите сознанија има уште неколку работи кои се интересни за јавноста за оваа прошетка на Мицкоски кои се држат во тајност. Но, СДСМ набрзо ќе ги открие, велат од Бихаќка

СДСМ преку соопштение велат дека до нив стигнуваат информации оти високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски вршат притисок врз Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за да се заташка случајот со истрагата за фамилијарното патување на премиерот со синот во Вашингтон.
„360 степени“ се обрати и до Антикорупциска со прашање дали се вистинити наводите дека се соочени со притисоци во текот на истрагата, но до објавување на овој текст, одговор оттаму нема.
Опозицијата обвинува дека Мицкоски трет ден бега и не ги објавува приватните сметки кои тврди дека ги платил лично за патувањето.
Оттаму тврдат дека поднеле барање до повеќе институции за пристап до информации од јавен карактер, за да провери кој се шетал на сметка на граѓаните во САД.
„Според нашите сознанија има уште неколку работи кои се интересни за јавноста за оваа прошетка на Мицкоски кои се држат во тајност. Но, СДСМ набрзо ќе ги открие. Им порачуваме да ги тргнат рацете од институциите и дека 2016 година одамна е помината. Брзо ќе се открие вистинското лице на ново режимско ВМРО-ДПМНЕ ако продолжат да го прават тоа, а граѓаните тоа жестоко ќе го казнат. Повеќе од јасно е дека Мицкоски е преплашен од истрагата и инфомрациите кои ги крие. Но како што љубеше да каже менторот на Мицкоски, вистината е како шило, кога тогаш ќе излезе на површина“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Антикорупциската комисија неделава отвори истрага по допрен глас за патувањето на Јован Мицкоски, постариот син на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, САД за време на одржувањето на НАТО-самитот.
ДКСК се обратиле до Генералниот секретеријат на Владата, од каде побарале информација кој се патувал со премиерот во Вашингтон, односно да потврдат дали синот на премиерот патувал со него на товар на буџетот и во која функција. Рокот за одговор на институциите е 15 дена.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, тврдат дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на премиерот.
Фотографијата на која се гледа дека со премиерот Христијан Мицкоски е и неговиот постар син ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс каде се вели оти македонскиот премиер Мицкоски, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.
Ahead of the @NATO Summit, SAIS hosted Macedonian Prime Minister Hristijan Mickoski for a conversation with SAIS’ @EdwardPJoseph in what was his first public appearance in the U.S. as prime minister. “This is truly a special event for us here at Johns Hopkins SAIS,” said Joseph. pic.twitter.com/x0puj3zYkE
— Johns Hopkins SAIS (@SAISHopkins) July 10, 2024