Ова е, меѓу другото, реакцијата на опозициската СДСМ на денешната прес-конференција на пратеничката и партиска портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која застана во одбрана на законските измени за реорганизација на министерствата, чие носење втор ден е една од главните теми во јавниот дискурс
Што и да зборува сега Митева, колку небулози да шири, не може да го пренебрегне фактот дека е лажливка, дека заедно со колегите лажговци од ДПМНЕ, го излажа народот – едно зборуваа пред избори, а друго прават сега.
Ова е, меѓу другото, реакцијата на опозициската СДСМ на денешната прес-конференција на пратеничката и партиска портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која застана во одбрана на законските измени за реорганизација на министерствата, чие носење втор ден е една од главните теми во јавниот дискурс.

„Митева и 77-те послушници на Мицкоски имаа можност да зборуваат, ама молчеа, немаа што да кажат. Можеа да кажат дали се пудлици седнати во скутот на ДУИ? Според Мицкоски ништо во политиката не е случајно, па така кампањата на ДПМНЕ против ДУИ се претвори во политички пазар“,
велат од СДСМ во реакцијата на прес-конференција на Митева.
Од СДСМ оценија дека наместо ефикасна и намалена администрација како што ветувала ВМРО-ДПМНЕ пред изборите, нивните пратеници сега по итна постапка и без анализа на шверцерски начин донеле закон за зголемување на бројот на министерствата.
„Само еден месец по парламентарните избори, јасно е дека ДПМНЕ го излажа народот. ДПМНЕ гордо ги предаде граѓаните, ја изневери довербата на народот. Сметките за нивните лаги допрва ќе дојдат за наплата, кај граѓаните и државата“,
додаваат од СДСМ.
Реакцијата на доскорешната владејачка партија доаѓа по денешната прес-конференција на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и партиска портпаролка, Марија Митева, која, одговарајќи на прозивките на пратеници од СДСМ, рече дека измените за реорганизација на министерствата се рационални и потребни, работени со претставници на ЕУ и се дел од ИПА-програмата и оти како такви не може да бидат оспорувани од ниту еден политички субјект.
