Од советничката група на СДСМ побараа Обвинителството да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција, Државниот завод за ревизија да спроведе ревизија за целата постапка на измена на ДУП, а Државната комисија за спречување корупција итно да постапи

Во Куманово се случи најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении, организиран и координиран директно од градоначалникот на градот и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, обвинија денеска општинските советници од СДСМ.
„Денес јавно го презентираме во детали најголемиот урбанистички корупциски скандал што го видел Куманово во последните децении – организиран, координиран и спроведен под директно влијание на градоначалникот Максим Димитриевски. Денес членовите на ЗНАМ и поддржувачите ќе дознаат дека движењето на ЗНАМ е движење за корупција и богатење на нивниот претседател Максим Димитриевски. Ќе видиме како големиот поборник за правда Димитриевски, кој својата кариера ја изгради противејќи се на ДУИ, сега во соработка со советниците токму на ДУИ, си изгласа ДУП, со кој очигледно дебело се офајди со сума од 350 000 евра“,
изјави советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска.
Како што посочи таа, прво, преку политички притисок и манипулации се изгласале измена на Деталниот урбанистички план на просторот кај поранешен ЧИК „Куманово“, односно простор од над 40 000 квадратни метри државно земјиште, под изговор за инвестиција на „Лидл“. Но, зад навидум добрата намера, се крие добро осмислена шема за лично богатење преку семејни, кумски и политички врски, рече Мургашанска.
„Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде ‘Лидл’. Продажбата е директно од државата кон ‘Лидл’, со цена од 5,5 милиони евра. До тука нема ништо спорно. Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250 000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на ‘Лидл’ – за 600 000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350 000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај!“,
изјави Мургашанска.
Таа потсети дека првиот обид за носење на ДУП пропаднал заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ.
„Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин. Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори, а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП. Ова е класична шема на тргување со влијание. Ова е злоупотреба на службена положба. Ова е корупција на дело. Градоначалникот сè уште се обидува да се скрие зад закони и процедури, додека негови блиски роднини, кумови и политички соработници прават бизнис на грбот на државата и граѓаните“,
рече советничката на СДСМ во Општина Куманово.
Таа упати неколку прашања до градоначалникот Димитриевски и премиерот Христијан Мицкоски:
„Од сите парцели во Куманово, како точно ‘Лидл’ завршува со имот на семејството на Димитриевски? Како тоа за неколку дена пораснала цената на земјиштето повеќе од двојно? Дали реномирана компанија е намерно навлечена да плати повеќе? Колку пари од оваа зделка во џеб има ставено градоначалникот и неговата фамилија? Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци? И за крај едно директно прашање и до премиерот Мицкоски. Премиере, зошто Максим Димитриевски има право да си соработува со ДУИ за свои интереси, а Таравари не смее?“.
Од советничката група на СДСМ побараа Обвинителството да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција, Државниот завод за ревизија да спроведе ревизија за целата постапка на измена на ДУП, а Државната комисија за спречување корупција итно да постапи.