Во однос на локалните избори, Централниот одбор на СДСМ донел одлука со која го овластува партискиот лидер Венко Филипче за разговори со постојните коалициски партнери на Социјалдемократскиот сојуз, како и со потенцијални нови коалициски сојузници за настап на изборите
Опозицискиот СДСМ ја почнува постапката за утврдување на кандидатите за советници и градоначалници за претстојните локални избори. Одлуката за старт на оваа постапка, која почнува од денеска, е донесена на синоќешната седница на Централниот одбор (ЦО) на партијата. Во оваа насока, ЦО на СДСМ го усвоил правилникот и роковникот за постапката, како и начинот и критериумите за утврдување на кандидатите на СДСМ.

Целта, како што велат од СДСМ, е партијата да биде претставена од способни и кредибилни личности – луѓе кои уживаат доверба, кои можат да испорачаат резултати и имаат капацитет да ја спроведат програмата со која СДСМ ќе настапи пред граѓаните на изборите во октомври.
Во однос на локалните избори, Централниот одбор на СДСМ донел одлука со која го овластува партискиот лидер Венко Филипче за разговори со постојните коалициски партнери на Социјалдемократскиот сојуз, како и со потенцијални нови коалициски сојузници за настап на изборите.

На синоќешната седница на Централниот одбор, партијата оценила дека непосредно пред локалните избори институциите под контрола на власта координирано вршат притисок врз градоначалниците од СДСМ.
„Тоа го сметаме за тенденциозен политички притисок и претставува злоупотреба на државните институции во партиски цели од страна на ДПМНЕ. СДСМ со сите механизми кои ги има на располагање ќе го штити интегритетот на нашите градоначалници и ќе ги брани демократските стандарди и принципи“,
наведуваат од опозициската партија.
Во однос на економските прашања кои биле дискутирани на синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, заклучено е дека партијата ќе продолжи да нуди проактивни мерки и законски решенија во борбата за подобрување на стандардот во државата. Дополнително е потврдена одлуката за поднесување специјален предлог-закон до Собранието со кој ќе се обезбеди поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани.