Од СДСМ нагласуваат дека Скопје, Тетово, Куманово, Битола и други македонски градови со денови се меѓу најзагадените во светот, а граѓаните се задушуваат во нечист воздух. Оттаму ја обвинија власта дека нема решение за загадувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека Владата веќе донела Акциски план за чист воздух со мерки кои се имплементираат, а за значително да се намалат штетните честички, како што нагласија, потребно е и изградба на гасна централа за што веќе имало заинтересиран инвеститор
ВМРО-ДПМНЕ нема решение ниту политики за намалување на загадувањето, обвини денеска опозицискиот СДСМ и ја повика власта да ги прифати и реализира мерките што ги предлага оваа партија за борба против загадувањето на воздухот.
Од СДСМ нагласуваат дека Скопје, Тетово, Куманово, Битола и други македонски градови со денови се меѓу најзагадените во светот, а граѓаните се задушуваат во нечист воздух.
„Граѓаните со најскапото нешто – нивното здравје ја плаќаат цената. Лекарите алармираат дека се полнат болничките ходници и кревети. Екоактивистите и Светска банка алармираат дека годишно во државава поради аерозагадувањето животот го изгубиле над 3 000 жители. ДПМНЕ нема решение ниту политики за намалување на загадувањето. Кога беше опозиција ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50 отсто. Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Дополнително, власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51 отсто, а во буџетот за 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно“,
изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа посочи дека СДСМ предложила сет мерки за борба против загадувањето и ја повика власта истите да ги прифати.
„Власта итно да донесе програма за чист воздух во Министерството за животна средина. Програмата да опфати субвенции за домаќинствата за замена на нееколошките системи за затоплување, како и за градинките, училиштата и јавните објекти да преминат на чисти технологии. Да се интензивираат инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии. Да се спроведат контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување. Интензивни активности за поголема јавна чистота. Засилена контрола на техничката исправност на возилата. Работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување. Да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено. Да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо ниво на загадување на воздухот“,
побара Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговорија дека Владата веќе донела Акциски план за чист воздух со мерки кои се имплементираат, а за значително да се намалат штетните честички, како што нагласија, потребно е и изградба на гасна централа. За изградба на една ваква централа веќе има заинтересиран инвеститор и ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи што побрзо да се дојде до договор и до нејзина реализација, посочија од владејачката партија.
Оттаму нагласуваат дека борбата против загадувањето е долг процес кој бара стратегиски пристап и обвинија дека СДСМ за време на седумгодишното владеење не направил ништо за намалување на загадувањето на воздухот.
„Да направеа нешто, како што впрочем сега од опозиција тврдат, до сега веќе би ги почувствувале првите резултати и Скопје и другите македонски градови, со сигурност, немаше да бидат лидери на европските и светски листи по загаденост на воздухот. Во однос на борбата против загадувањето, СДС буквално ги преспаа седумте години на власт и сега за шест месеци очекуваат чуда да се случат и воздухот наеднаш да стане чист без штетните честички. Кога СДС предлагаат некои мерки добро е да се информираат, или барем да изгуглаат, па ќе видат дека тие мерки што ги предлагаат како итни, веќе се донесени и се имплементираат“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до Акцискиот план за чист воздух за период 2024-2025 година, кој го донела Владата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во него се предвидени сите мерки што СДСМ ги предлага.
„Освен овие краткорочни мерки кои се на сила и се спроведуваат, за да се реши проблемот со загадувањето потребни се и долгорочни мерки и инвестиции како што е изградба на гасна централа, која ќе овозможи еколошки и пристапен за сите начин на затоплување на домовите и конкурентна енергија за стопанството и индустриските капацитети“,
децидни се од владејачката партија.
