„ВМРО-ДПМНЕ може да се обидува да го менува лицето во јавноста. Ленин Јовановски да го замени со нов Ленин, но на сите им е јасно дека зад оваа блокада стои еден ист систем една иста матрица на функционирање која само знае да блокира и да уценува“, велат од СДСМ во партиското соопштение
Откако првиот човек на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, реши да се повлече од протестот на превозниците со цел, како што рече, да помогне во решавање на проблемот, СДСМ во писмена реакција вели дека неговото повлекување нема да стави крај на блокадите.
„ВМРО-ДПМНЕ може да се обидува да го менува лицето во јавноста. Ленин Јовановски да го замени со нов Ленин, но на сите им е јасно дека зад оваа блокада стои еден ист систем една иста матрица на функционирање која само знае да блокира и да уценува“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз во соопштението испратено до медиумите.
Од партијата додаваат оти сите виновници за блокадите во метрополата се посредно или непосредно поврзани со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Оттаму, единствено Мицкоски, и со Ленин и без Ленин, е тој што може да стави крај на тортурата што им ја врши на скопјани. Мицкоски треба да се покрие од срам за сето она што му го прави на сопствениот град, на своите сограѓани“,
додаваат од СДСМ.
Претходно денеска директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, најави дека целосно се повлекува од протестот на приватните автобуски превозници, оти, како што рече, не сака неговото име да биде ставано во политички контекст и да биде изговор за дефокус од вистинскиот проблем на превозниците.
Неговото повлекување, сепак, нема да ги повлече и автобусите од улиците. Тие остануваат и натаму да го блокираат главниот град.