„Претседателот на ДИК, Александар Даштевски е наведен како задолжено лице, заедно со други лица, за неопределени гласачи, обезбедување избирачки список. Согласно сите законски прописи, претседател на ДИК не може и не смее да учествува во партиски активности, а никако нема право да се меша во предизборни активности на било која партија“, рече денеска на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, додавајќи дека очекуваат одговори од претседателот на ДИК
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за лажни документи кои ги објавува СДСМ и најавија дека во текот на утрешниот ден ќе ја откријат целата шема на фалсификување на лажни вести и документи од страна на владејачката партија
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска продолжи со изнесување на нови детали, за како што велат од партијата, скандалот кој покажува дека нивниот политички противник ВМРО-ДПМНЕ подготвил оперативен план за пласирање на лажни вести и други сомнителни предизборни активности.
Пратеничката на СДСМ во Собранието, Даниела Николова на прес-конференција рече дека скандалот со лажните анкети и документи од оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ отвора уште еден аспект, директно поврзан со изборниот процес, а во кој фигурира името на претседателот на Држвната изборна комисија Александар Даштевски.
Според документот што денеска го објави СДСМ, името на Александар Даштевски е наведено како лице задолжено за обезбедување на избирачки список.
„Претседателот на ДИК, Александар Даштевски е наведен како задолжено лице, заедно со други лица, за неопределени гласачи, обезбедување избирачки список. Согласно сите законски прописи, претседател на ДИК не може и не смее да учествува во партиски активности, а никако нема право да се меша во предизборни активности на било која партија“,
рече Николова на прес-конференцијата.
Таа додаде дека наводите укажуваат на основано сомневање за кривично дело и оти од партијата очекуваат одговори од претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за лажни документи кои ги објавува СДСМ и најавија дека во текот на утрешниот ден ќе ја откријат целата шема на фалсификување на лажни вести и документи од страна на владејачката партија.
„Тоа е мрежа во која се вклучени и злоупотребени државни институции и највисоки политички личности, со поддршка од странски платеници исплаќани во готово. Прибегнувањето кон фалсификување е најдобар доказ дека власта е нервозна, и дека губи“,
се вели во реакцијата на опозициската партија.
Меѓу инспираторите и платениците за кои тврдат дека стојат за овие документи од ВМРО-ДПМНЕ го посочуваат, како што велат израелскиот мешетар Асаф Еисин, копј работи за СДСМ, откако претходно дошол и кај опозициската партија со понуда за креирање на слични лажни вести и документи, но бил избркан оттаму.
„Очигледно, СДС и Ковачевски го прибрале. Асаф нема да ги спаси од катастрофалниот пораз. Но и Асаф, и Зечевиќ и Ковачевски треба да се подготват да одговараат веднаш по промената на власта“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова вчера го кажа и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски во неговиот говор на митингот пред зградата на Владата.
„Изворот на таквите вести е еден балкански мешетар и контрактор со потекло од Израел кој скапо го платиле со украдените пари од тендерите кои ги местат. Тој мешетар е познат по таквите измислувања, фалсификувања и ширење лажни вести. Ова го кажувам за да знае и Ковачевски дека истиот човек пред да отиде кај него, беше кај мене и ми понуди да прави фалсификани документи за власта кои ќе ги продаваме во јавноста како големи скандали. Мојата порака кон овој мешетар беше јасна, јас во политиката влегов да градам и поправам, а не да растурам и расипувам работи или терам црни кампања“,
рече Мицкоски, додавајќи дека така силно го избркал од неговата канцеларија што го промашил излезот од просторијата.
Тој упати порака до лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски поддржан од оваа партија дека фалсификувањето е кривично дело, а за неколку недели двајцата нема да бидат на функции и да се кријат зад имунитетот што тие им го даваат.
Социјадемократскиот сојуз на Македонија завчера објави документи за кои тврди дека наводно покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период беа објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Како што тврдат од СДСМ, повикувајќи се на документите, анкетите објавени на националниот сервис, наводно, се дел од планираните активности на политичкиот конкурент за пласирање лажни вести пред изборите.
Истиот ден од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), кој во соработка со МРТ изминатиов период спроведе серија испитувања на јавното мислење во пресрет на двојните избори, најави дека ќе поднесе тужби по обвинувањата кои ги изнесе СДСМ оти анкетите биле лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Институтот рекоа дека спроведувањето и емитувањето на анкетите на јавното мислење во предизборието е исклучиво во соработка на ИПИС и МРТ и дека во процесот не е вклучена каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице.
Покрај од ИПИС, од Македонската радио-телевизија ги отфрлија како неосновани обвинувањата на СДСМ оти анкетите на Институтот кои беа објавени на МРТ се лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, чија агенција во соопштението на Македонската радио-телевизија (МРТ) беше посочена како една од ангажираните за спроведување анкети за јавното мислење вели дека тој и неговата агенција „Креатиф“ не се вклучени во спроведувањето на анкетите и во изведувањето на заклучоците од истражувањата, туку само во делот на анализа и коментар на податоците, односно бројките што ги подготвиле во ИПИС.
Од Обвинителството вчера информираа дека до него е доставено известување од Министерството за внатрешни работи за примена кривична пријава од три лица во врска со настанот.
„МВР како орган надлежен за откривање на кривични дела извршило првични проверки и ќе продолжи да постапува во координација со обвинителството“,
рекоа вчера од оваа институција.