Охрид повторно е во фокусот на политичките препукувања по нацрт-одлуката на УНЕСКО со која се предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност
Опозициската СДСМ ја обвини локалната и централната власт за, како што наведува, институционален неуспех во заштитата на регионот, додека од Општина Охрид ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи дека токму политиките на поранешната власт довеле до сегашната состојба.
Од СДСМ наведуваат дека нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО претставува официјална потврда дека не е постигнат напредок во исполнувањето на препораките за заштита на Охридскиот Регион.
Според партијата, во изминатиот период не биле отстранети дивоградбите, било запрено уривањето на нелегално изградените платформи на плажите, а локалната власт не ги суспендирала спорните детални урбанистички планови. СДСМ тврди и дека не се решаваат проблемите со колекторскиот систем и загадувањето на езерото, додека инфраструктурни проекти се реализираат без задолжителни оценки за влијанието врз животната средина.
Тие посебно посочуваат на локалитетот „Горица 3“, каде, според СДСМ, се гради хотелски комплекс спротивно на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Партијата бара итен прекин на градежните активности во критичните зони, суспензија на спорните урбанистички планови и утврдување одговорност за институционалното непостапување.
Од Општина Охрид, пак, ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за заштитата на Охридскиот Регион. Во реакцијата, се наведува дека токму во периодот кога СДСМ бил на локална и централна власт биле донесувани одлуки и се воделе политики кои придонеле за влошување на состојбата.
Од локалната самоуправа тврдат дека актуелната администрација презема конкретни мерки за подобрување на состојбите, меѓу кои ја посочуваат изградбата на пречистителната станица во Трпејца, изградбата на нова фекална канализација во повеќе населени места, како и, според нив, стриктното почитување на Планот за управување преку ограничено носење нови урбанистички планови.
Од Општината оценуваат дека статусот на Охрид во УНЕСКО се брани со конкретни активности на терен, а не со партиски соопштенија. Воедно, упатија јавен повик до претседателот на ОО СДСМ Охрид, Асен Шајн, за телевизиски дуел на кој, како што наведуваат, би се соочиле аргументите за состојбите поврзани со заштитата на Охридскиот Регион.
Нацрт-одлуката за евентуално впишување на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност треба да биде разгледана од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на неговата тековна сесија, по што ќе биде донесена конечната одлука.
