Во тек е веќе номинацијата на можни кандидати за претседател на државата во рамки на месните одбори во општинските организации на СДСМ. Дополнително, отворен е и јавен повик за самокандидирање, преку оглас во дневни весници на македонски и албански јазик, информира портпаролката на партијата
СДСМ ја започна постапката за утврдување на кандидат за претседател на државата за претседателските избори кои ќе се одржат годинава, информираа денеска од партијата. Кандидати ќе се бараат преку општинските организации на СДСМ, како и преку јавен оглас објавен во весниците и на веб-страницата на партијата.
„Како партија со најголема внатрепартиска демократија во земјава, СДСМ спроведува транспарентна и демократска постапка за избор на најдобриот кандидат. Во тек е веќе номинацијата на можни кандидати за претседател на државата во рамки на месните одбори во општинските организации на СДСМ. Дополнително, отворен е и јавен повик за самокандидирање, преку оглас во дневни весници на македонски и албански јазик. Со сите документи и формулари од денеска јавниот повик е достапен и на официјалната интернет-страница на СДСМ. Даваме можност за самокандидирање и на личности кои не се од СДСМ, но ги споделуваат социјалдемократските вредности“,
соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кандидатите, како што додаде Кузеска, мора да ги исполнуваат највисоките критериуми: да имаат висок општествен углед и кредибилитет, да уживаат доверба од членството, симпатизерите, да ги делат вредностите на социјалдемократијата, да ги почитуваат посебностите на сите граѓани без разлика на верска и етничка припадност и да се обврзат на неуморна работа за меѓународниот углед на татковината и исполнување на уште една стратегиска и национална цел: членство во ЕУ. Сите кандидати мора да го прифатат, да го почитуваат и да се придржуваат кон Кодексот за однесување на членовите и функционерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.