„Ако бегалецот од правдата добил српски и унгарски пасош, јасно е дека зад ова стојат неговите политички сојузници и заштитници, Орбан и Вучиќ, политичките ментори на Мицкоски“, се вели во соопштението од партијата

Поранешниот премиер Никола Груевски има унгарски и српски пасош, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) повикувајќи се на информации што биле доставени до нив.
Од СДСМ нагласуваат дека доколку овие информации се точни, јасно е дека зад ова стојат политичките сојузници на Мицкоски, поранешниот унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ако бегалецот од правдата добил српски и унгарски пасош, јасно е дека зад ова стојат неговите политички сојузници и заштитници, Орбан и Вучиќ, политичките ментори на Мицкоски“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Опозицијата вели дека актуелната влада намерно одбива да испрати ново барање за екстрадиција. Според СДСМ, ваквото непостапување е намерно оставање простор на Никола Груевски и негова заштита.
„Додека други држави, како Полска на пример, постапуваат брзо, Мицкоски му купува време на Груевски“,
велат од партијата.
Од СДСМ додаваат дека Мицкоски и ВМРО-ОКГ ништо не прават, не сакаат да го вратат Груевски во Македонија и не сакаат да одговара пред правдата.
Ова, според СДСМ, е класична заштита на Никола Груевски од страна на Христијан Мицкоски.
Враќањето на Груевски стана тема во јавноста откако лидерот на унгарската партија Тиса, Петер Маѓар, која однесе убедлива победа на изборите во земјата, најави екстрадиција на поранешниот македонски премиер кој во 2018 година побегна во Унгарија.
Минатата недела премиерот Христијан Мицкоски рече дека Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, сè уште има азил и од тие причини не е пратено ново барање за екстрадиција.
Во однос на случајот со можната екстрадиција на Груевски, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, во интервју за „360 степени“ вели дека бегалскиот статус на едно лице подлежи на ревизија секои три години. Преиспитување може да се иницира и вонредно, но во тој случај се потребни неколку месеци за да се донесе правосилна одлука, независно од политиката и најавите на човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар.
Од Министерството за правда соопштија дека во континуитет го следат случајот и ги преземаат сите мерки за законски да ги обезбедат потребните документи. Потсетуваат дека за поранешниот премиер Никола Груевски е поднесено барање за екстрадиција на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година, кое е одбиено од страна на Унгарија во август истата година.
