Опозиционерите обвинија дека додека половина од членовите на Владата и нивните семејства имаат бугарски пасоши и добиваат посебен третман на граница, македонските граѓани добиваат блокада, изолација и чекање на граница на многу високи температури
Граѓаните со часови чекаат на граница поради политиката на изолација на државата што ја води Христијан Мицкоски – обвинуваат од опозицискиот СДСМ, коментирајќи ги километарските колони и зголеманата фреквенција на возила на речиси сите гранични премини во земјава.

„Додека Христијан Мицкоски со државниот авион (што веќе го гледа како приватен) оди на своите екскурзии, граѓаните со часови чекаат на граница, поради неговата политика на изолација на државата И кај Стар Дојран е метеж, колоната е до ‘Св. Илија’. Ова е реалната слика на политиката што ја спроведува организираната криминална група ВМРО-ОКГ и Мицкоски“,
коментираат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека додека половина од членовите на Владата и нивните семејства имаат бугарски пасоши и добиваат посебен третман на граница, македонските граѓани добиваат блокада, изолација и повеќечасовно чекање на граница на многу високи температури.
„Додека тие летаат, народот стои во колона. Ова е нивна политика“,
додаваат од СДСМ.
Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) попладнево соопшти дека на речиси на сите гранични премини има чекање поради зголемена фреквенција на возила. Најмногу се чека на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, каде што за излез од државата задржувањето е и до три часа.
