Во денешната реакција велат дека како тогашна опозициска партија сугерирале и предупредувале за овој процес, но оти СДСМ тврдоглаво одел со главата во ѕид
Најлошата дипломатија што ја имала нашата држава беше на чело со Зоран Заев, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ, кои освен што се сликаа по авиони и на средби со разни функционери не направија никаков напредок во меѓународната политика. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако минатата недела во интервју за бугарски медиум шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев рече дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на С Македонија за членство во Европската Унија, односно дека тоа не е билатералност, туку спроведување на европскиот консензус.
„Лажеа дека уставните измени се последното барање од Бугарија. Лажеа дека само што не направиле двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени. Лажеа дека датумот за влез во Европската Унија го носат во авион. Лажеа дека сме отпочнале преговори со ЕУ. Буквално лажеа за сè“,
се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека како тогашна опозициска партија сугерирале и предупредувале за овој процес, но оти СДСМ тврдоглаво одел со главата во ѕид.
„Сега јасно гледаме дека Бугарија јавно кажува дека уставните измени не се последното барање од нивна страна. Како и секогаш, ВМРО-ДПМНЕ повторно ја говорела вистината, но СДС не сакал да слуша“,
пишуваат од владејачката партија.
Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во изјава за бугарската телевизија „БГ он ер“, посочувајќи ја бугарската позиција по прашањето на интеграцискиот процес на земјава, рече дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на С Македонија за членство во Европската Унија.
„Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов. Односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел, за која се надевам дека не е така, ако впишувањето се случи и се исполни условот за уставни измени согласно европскиот консензус, некој да рече ‘ете, ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто‘. Прво не се само Бугарите, туку и Европска Унија стои зад тој консензус. Тоа е значаен услов што треба да се повторува“,
рече тој.
На новинарската забелешка дека во Скопје овие услови не се целосно презентирани, односно македонските политичари ги претставуваат уставните измени како единствено, а не како прво барање во процесот, Георгиев посочи дека тој постојано го повторува истото.
Георгиев посочи и дека позицијата на Софија е кристално јасна и дека нема да го промени својот став, оти има нешто што ќе го побие европскиот консензус во 2022 година за интеграција на Западен во ЕУ, зад кој, додаде, стои целата ЕУ.