Според наведеното во овие документи, како што рече Кузеска, во Министерството за животна средина и просторно планирање бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и административните процедури, што отвора сомнеж за корупција и за мито

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска достави документи до премиерот Христијан Мицкоски, за кои, како што велат, се докази за сомнежите дека постојат корупција и неправилности во работата на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Според партиската портпаролка Богданка Кузеска, документите ги доставуваат до, како што го нарече Мицкоски, самопрогласениот главен државен обвинител, кадија и врховен судија.
„Предаваме документи до самопрогласениот главен државен обвинител, кадија и врховен судија. Денеска ќе му ги доставиме документите на премиерот Мицкоски за скандалот со вицепремиерот Меџити. Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата“, рече Кузеска.
Кузеска, на прес-конференција од пред зградата на Владата, рече дека документите што ги доставуваат до Мицкоски се добиени од свиркачи и тие се од државни институции, со архивски број, печат и потпис.
„Еве ги тие документи што се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции, со архивски број, со печати и со потписи. Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети“, додаде Кузеска.
Таа во изјавата упатува и прашање дали Меџити на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните.
Според наведеното во овие документи, како што рече Кузеска, во Министерството за животна средина и просторно планирање бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и административните процедури, што отвора сомнеж за корупција и за мито.
„Очекуваме Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за залоупотреби и можна корупција. Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити“, рече Кузеска.
Прашана што очекуваат политички да преземе Мицкоски и дали тоа е разрешување на Меџити, Кузеска повтори оти тоа е обврска на премиерот „што сам си ја зададе влегувајќи во улога и на обвинител и судија и тој нека ѝ најави на јавноста кои чекори ќе ги преземе натаму“.
СДСМ во неделата на прес-конференција обвинија дека на повидок е корупциски скандал во Владата и оти Меџити барал мито. Оттаму побараа одговор од премиерот Христијан Мицкоски дали е точно дека Државниот управен инспекторат констатирал „злоупотреба на службената должност“ од страна на министерот и вицепремиер Изет Меџити и неговиот кабинет.
Прашањето од СДСМ дојде откако претходниот ден од Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение рекоа дека по контрола спроведена од Инспекторатот за администрација е потврдено злоупотреба на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет.
Оттаму рекоа дека мерката е донесена како резултат на бројни поплаки и пријави од граѓани и компании кои биле условувани од кабинетот на Меџити да даваат мито во замена за административни услуги.
Од СДСМ упатија повик до Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство да отворат предмет и да преземат соодветни постапки.
За обвинувањата на ДУИ, вчера реагираа од Министерството за јавна администрација, односно Државниот управен инспекторат, од каде што рекоа дека тоа се целосно неточни и злобно конструирани тврдења со политичка заднина.