Зошто Божиновска е министерка мора да одговори Мицкоски, овде нема случајности, вели Кузеска од СДСМ
СДСМ обвинува дека постои ризик од корупција и малверзации и во новото Министерство за енергетика по медиумските написи дека фирми во кои била дел и министерката за енергетика Сања Божиновска во минатото имале пријави од македонските институции за незаконско работење.
Опозицијата индиректно се повикува на истражување на Радио Слободна Европа, во кое се вели дека во работниот век на енергетските компании во кои била дел министерката Божиновска, државните институции им поднесувале пријави со сомнежи за малверзации и незаконско работење, но изостанал правен епилог. Пријавите се за картелско тргување со електрична енергија, даночно затајување, а државна институција и барала на нејзина компанија да врати долг од 700.000 евра.
СДСМ велат дека фирми кои се поврзуваат со Божиновска формирале енергетски картел, како во мафијашките филмови.
„Во 2014 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за заштита на конкуренцијата повела постапка за забранет договор – картел при јавни набавки и донела решение за казни. Фирми кои дел се поврзуваат и со Божиновска, формирале енергетски картел. Со намера да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во 2012 година и да профитираат. И внимавајте, не се случило тоа еднаш, 11 пати биле прекршувањата, 11 пати! За дел од овие фирми кои склучиле картел и Царинската управа открила затајување данок во износ од 1,8 милиони евра“,
кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Оттаму посочуваат дека министерство со кое управува сега Божиновска се посочува како можен извор на корупција.
„СДСМ се сомнева дека преку слични шеми се планираат малверзации и заработки од страна на Мицкоски и Божиновска и дека токму ова е причината за создавање на новото министерство. Токму ова ново министерство со кое управува сега Божиновска се посочува како можен извор на корупција од страна на Институт кој со години ги следи овие области. Зошто Божиновска е министерка мора да одговори Мицкоски, овде нема случајности“,
кажа Кузеска.