Социјалдемократскиот сојуз во својата реакција по седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ укажува дека Мицкоски и натаму мисли дека со лажни приказни, со креирање лажна реалност може да ги изманипулира граѓаните.
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ очигледно се изгубени и во просторот и во времето. Мицкоски губи трети избори по ред и се уште одбива да се помири дека граѓаните сакаат да одат напред, а не да се враќаат назад. Тој е поразен политичар кој ги потценува граѓаните, ги потценува гласачите, па дури ги потценува и лаже и сопствените членови и поддржувачи“,
велат од СДСМ.
За нив одлуката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ со која го овластува Мицкоски да преговара за составување на парламентарно мнозинство е уште една во низата манипулации на оваа партија.
„Нему и на неговите соработници веќе не им веруваат ниту членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од шпицен кандидат Мицкоски стана шпицен аутсајдер и затоа најдобро е да оди надвор од политиката, бидејќи граѓаните јасно му го покажаа патот. Мицкоски единствено за што може да преговара е за столчето во белата палата, зашто и тоа му е климаво“,
се вели во писмената реакција на СДСМ.