Денеска ќе се разговара и за измени и дополнувања на партискиот статут, со цел уште поголема демократизација на СДСМ и подготовка за следниот конгрес напролет кога ќе се бира лидер на непосредни внатрепартиски избори
Владејачката партија СДСМ денеска ќе го одржи 25. Конгрес, кој ќе биде прв дигитален во земјава.
Како што претходно најавија од партијата, конгресот ќе биде за анализа на изборните резултати, како што е предвидено со партискиот Статут по секои парламентарни избори. Ќе се даде отчет за досега сработеното и ќе се презентираат планови за во иднина.
Делегатите на СДСМ последен пат заседаваа во живо во март годинава, во почетоците на ковид-кризата во земјава, кога се утврдуваа кандидатските листи за пратеници на годинашниве избори.
Конгрес на СДСМ овојпат ќе се одржи преку електронска платформа Зум, поради пандемијата. Ќе има отворен и работен дел со пренос во живо. По завршување на Конгресот, претседателот на партијата, Зоран Заев, ќе одржи прес-конференција, на која ќе ги презентира донесените одлуки.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски минатата недела на прес конференција најави дека денешниот партиски собир ќе биде отчет за досега сработеното, со осврт на изборниот резултат, победата на парламентарните избори и визијата за следниот четиригодишен мандат.
Тој најави дека на конгресот ќе се разговара и за измени и дополнувања на партискиот статут, со цел уште поголема демократизација на СДСМ, така што следната година партиското раководство првпат ќе се избира на непосредни внатрепартиски избори, со учество на целото членство.
Со измените, првпат во историјата на земјава, СДСМ ќе спроведе директен избор на претседател на партија. Членовите лично ќе гласаат на слободни, непосредни, фер и демократски внатрепартиски избори. Најавувам и други измени, согласно меѓународните стандарди на социјалдемократијата, како што доликува на една прогресивна партија“,
рече Николовски.