ВМРО-ДПМНЕ, партијата позната по провизиите и промашени проекти за автопати, заедно со проруската Левица водат хајка против делниците од коридорите 8 и 10-д и против реномираната американска компанија Бехтел, обвинува СДСМ. Од владејачката партија посочуваат дека со предог-законите кои влегуваат во собраниска процедура, се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.
„Реализацијата на најголемиот проект во инфраструктурата во историјата на државата, во вредност од 1,3 милијарди евра, покрај унапредување на безбедноста во сообраќајот, ќе обезбеди најмалку 600 милиони евра за домашните компании, пристап до две нови пристаништа Драч и Бургас, раст на БДП“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ги чини граѓаните 150 милиони евра и дополнително загубено време.
„СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи, презема сѐ за да ги надмине блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и овој проект за изградба на паневропските коридори да биде завршен и побрзо и поевтино“,
се наведува во соопштението од СДСМ.