Опозицискиот СДСМ оцени дека со вчерашното пукање во Скопје криминалните банди, практично, му испратиле порака на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оти тој не ја контролира безбедноста и дека не му се плашат
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека опозиционерите се плашат од фактот дека министерот за внатрешни работи расчистува со криминалците и што, како што велат, законот после долги децении важи за сите подеднакво
Одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски побара опозицискиот СДСМ по вчерашната престрелка кај полициската станица кај Бит-пазар во која загина едно лице. Партијата оцени дека со вчерашното пукање во Скопје криминалните банди, практично, му испратиле порака на Тошковски оти тој не ја контролира безбедноста и дека не му се плашат.

„Ова е целосен распад на безбедносниот апарат. Нешто сериозно не е во ред со институциите, со системот. А цената за неспособноста во управување со безбедносниот систем ја плаќаат граѓаните и тоа прескапо, со своите животи. Како може да нема одговорност за никој во МВР и во полициските структури?“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите забележуваат дека ниту за трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица сè уште нема одговорност од актуелни полициски функционери кои на денот на пожарот биле на позиции.
„Уште колку луѓе треба да загинат за Панче Тошковски конечно да понесе одговорност? Тоа е прв чекор за враќање на безбедноста на улиците, во државата, за враќање на мирот и спокојот на граѓаните“,
додаваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Со реакција на коментарот на СДСМ се произнесе владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму оценија дека опозиционерите се плашат од фактот дека министерот за внатрешни работи расчистува со криминалците и што, како што велат, законот после долги децении важи за сите подеднакво.

„Оттука доаѓаат и нападите на СДС кон Тошковски, затоа што веќе нема недопирливи и веќе се апсат криминалци кои СДС долги години, не сами што ги толерираше, туку и ги штитеше. Сега се водат истраги и се приведуваат луѓе за кои постои сомнеж за прекршување на законите, како од опозицијата така и од власта, нешто што не беше случај за време на владеењето на СДС“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму заклучија дека системот почнал да функционира и дека секој што се огрешил пред законот ќе одговара.