Дополнително, во посебна објава на социјалната мрежа Фејсбук, актуелната пратеничка во Собранието од СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор
За неполни 24 часа се случија две мафијашки пресметки во Скопје, граѓаните се вознемирени и се чувствуваат небезбедно, реагираат од СДСМ.
Од опозициската партија обвинуваат дека власта на премиерот Христијан Мицкоски ја претворила Македонија во Див Запад, а од министерот за внатрешни работи бараат веднаш да си поднесе оставка.
„Ваквите пресметки стануваат секојдневие бидејќи МВР и Тошковски не успеваат да ги најдат сторителите и да ги расчистуваат случаите. За потсетување, во мандатот на Тошковски имаше три убиства и три обиди за убиства, а разрешница имаше само за еден случај. Неспособноста на власта на Мицкоски Македонија ја претвори во ‘див запад“. Криминалните банди буквално хараат, криминалците бегаат од затворите кои се како ‘хотел промаја’, а граѓаните стравуваат за својата безбедност. Нема скандал во изминатите три месеци, а да не е поврзан со Тошковски и МВР. Тошковски е најнеспособниот министер за внатрешни работи и веднаш треба да си даде оставка“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Дополнително, во посебна објава на социјалната мрежа Фејсбук, актуелната пратеничка во Собранието од СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор.
Според пратеничката на СДСМ, лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки.
„Затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков-Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ е, всушност, пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој“,
напиша Петровска на Фејсбук.
Доказ за блискоста на Борис Мутков – Фантом со Мицкоски, како што тврди пратеничката, „не е монтирана и е фактот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицкоски“.
„Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете“,
вели Петровска во објавата.
Покрај текстот со нејзините обвинувања, пратеничката објави и фотографии од, како што тврди, средбата на премиерот со лицето што го посочува и за кое вели дека е добро познат лик во скопското подземје.
За потсетување, во пукање од возило во движење што вчера вечер се случи во скопската населба Ченто едно лице беше рането и заврши во болница.
„На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. ‘Александар Македонски’ од патничко возило во движење било пукано во патничко возило ‘пасат’ со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираа од полицијата за овој настан.
Денеска, пак, околу десет часот претпладне на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ едно лице е убиено откако во него пукале неколкумина напаѓачи. Тие, според очевидци, од неговиот автомобил одзеле предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер, а потоа побегнале.
За мотивите се спомнува облик на изнуда, иако истрагата сè уште е во многу рана фаза.
За убиството, како што информираа од Министерството за внатрешни работи, досега се уапсени две лица, а по третото, чиј идентитет им е познат на органите на прогонот, и понатаму се трага.
Едниот од двајцата уапсени, според МВР, бил фатен по престрелка во скопската населба Чаир.
Од МВР додаваат дека веднаш откако убиството било пријавено во СВР Скопје, со специјални полициски сили, хеликоптери и дронови почнала потрага по сторителите.
Наспроти мноштвото медиумски извештаи дека убиениот е адвокат, информациите на „360 степени“ велат дека Васил Е. е лице со приватна компанија со сосема друга дејност.