СДСМ инсистира Обвинителството да побара информации од унгарските органи и детално да ги провери договорите, потеклото на парите, текот на парите, како тоа кои компании добиле средства од овој кредит

Опозицискиот СДСМ побара од македонските правосудни институции и Обвинителството да отворат предмет за кредитот од една милијарда евра што владата на Христијан Мицкоски го договори со Унгарија.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција истакна дека барањето доаѓа откако Унгарија и официјално започна истрага, а Унгарското национално истражно биро одзело илјадници страници документација од Ексимбанк.
Од опозициската партија повторно го отворија прашањето дали средствата од заемот се всушност кинески пари кои Унгарија претходно ги повлекла, со што, според нив, директно се загрозува меѓународниот имиџ на државата пред ЕУ и САД.
„Нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД многу добро знаат дека изминатите две години во нашата држава влегува сериозна количина на кинески пари. Сега, со оваа истрага, сето се потврдува. Меѓутоа, тука не запираат. Погледнете ги активностите на неговиот омилен министер, на Стоилковиќ, којшто и понатаму продолжува да објавува, среќен и радосен, дека нашата држава разговара за нов влез на кинески средства“,
рече Жерновски.
СДСМ инсистира Обвинителството да побара информации од унгарските органи и детално да ги провери договорите, потеклото на парите, текот на парите, како тоа кои компании добиле средства од овој кредит.
Жерновски обвини дека Владата до денес нема дадено одговори за тоа како е договорена зделката.
„Ова е огромна сума на пари. До ден денес ние не добивме одговор за тоа како е договорена зделката, кој ја договорил зделката, кои се провизиите, кои се скриените трошоци. Се разбира, и она што е многу битно, и ќе го потенцирам уште еднаш, кое е потеклото на овие пари“,
додаде тој.
Според Жерновски, не може една милијарда евра да бидат таен договор помеѓу Мицкоски и Орбан.
„Оние што ќе го враќаат овој кредит, а тоа се граѓаните на нашата држава, имаат право да ја дознаат вистината. Но, ќе завршам со тоа дека доаѓа време за вистина и доаѓа време за правда“,
кажа Жерновски.
Инаку, новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на соопштение на унгарската полиција, објави дека се истражуваат четири случаи во Ексимбанка под сомнение за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Меѓу случаите што се предмет на истрага е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија, за кој Министерството за економија на Унгарија во јули поднело пријава по спроведена ревизија на банката.
Дека ќе има истраги за работењето на државната Ексимбанка, актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар најави кон крајот на јули. Тогаш тој соопшти дека унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири случаи поврзани со банката, меѓу кои и оној за кредитот за Северна Македонија, со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција, услови што тој ги оцени како проблематични.
