Покрај постоечки два на име на мајката на експремиерот Никола Груевски, еден од новооткриените станови во зградата на улицата Павел Шатев (Бихаќка) е на име на неговата секретарка, а друг стан во кој се вршеше денеска претрес е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“, пишува порталот СДК.мк.
Во еден од становите, според сознанијата на порталот, имало огромна библиотека, а другиот Груевски го користел како работен кабинет.
Од обвинителството денеска во врска со претресите соопштија само дека се во рамки на истрагата „Плацови на Водно“, каде токму Груевски е првоосомничен. Меѓутоа, официјално не соопштија повеќе детали.
„Денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како ’Плацови на Водно‘. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“,
наведоа од Обвинителството.
На нашите прашања дали станува збор за новооткриен имот на Груевски, од обвинителството нема официјална потврда.
Иако постојат неофицијални информации, кои излегоа и во дел од медиумите, дека претрес е правен и во стан во Прилеп кој се поврзува со ексминистерот Миле Јанакиески, од обвинителството не ја потврдија оваа информација. Ниту, пак, адвокатите на Јанакиески имаа таква информација. Бившиот министер не е еден од осомничените во истрагата позната како „Плацови на Водно“ која обвинителството соопшти дека ја отвора на 19 октомври лани.
Заедно со Груевски, осомничени се и неговиот братучед Сашо Мијалков, кумот Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев кој пред десетина дена доби 30 дневен притвор токму во овој предмет, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Според соопштението издадено при отворање на истрагата, Груевски се сомничи дека во периодот од 2006 до 2012 противправно си присвоил пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа од октомври 2012 до септември 2013 ги пуштал во оптек преку фирма-ќерка на офшор фирма од Белизе и така ги купил атрактивните плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра.