Директорот на КПУ Струга, Ваљон Ќура, ги отфрла како шпекулации сомнежите во јавноста дека Мијалков воопшто не ни престојувал во затворот

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, утрово, околу 9:30 часот се одјавил од струшкиот затвор, каде што издржуваше казна за случајот „Империја“, вели за „360 степени“, директорот на казнено-поправниот дом, Ваљон Ќура.
„Замина денеска, 9:20 – 9:30 часот. Куќниот ред го почитуваше, беше добар пример и за другите осуденици, им помагаше и на останатите во работните ангажмани внатре во затворот, во средување на паркот итн“,
вели Ќура.
Директорот тврди дека заклучно со вчера Мијалков го извршувал својот работен ангажман како возач за потребите на затворот.
„До вчера работеше. Возилото го управуваше за наши потреби, низ Струга и Охрид“,
кажа накусо Ќура.
Тој ги отфрла како шпекулации сомнежите во јавноста дека Мијалков воопшто не ни престојувал во затворот.

Мијалков излегува од затвор под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело. Така одлучи Апелацискиот суд Скопје по негова жалба за одлуката на Кривичниот суд, според која тој првично требаше да оди на условен отпуст кон крајот на годинава.
Скопска апелација му ја прифатила жалбата на нејавна седница одржана на 14 мај.
Мијалков за предметот „Империја“ во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што првично тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Подоцна, имотот му беше проценет на речиси двојно помал износ.
Ексшефот на УБК беше обвинет за кривичните дела злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање на имот.
Затворската казна наместо во „Идризово“, ја издржуваше во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето на казната ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.
Откако Мијалков стана „станар“ во струшкиот затвор, „360 степени“ во септември 2022, три дена ги следеше и регистрираше случувањата околу установата која ја нарекуваат и „центар на затворскиот туризам“.
Меѓу оние што излегуваа наутро за да одат на работа и се враќаа навечер за да преспијат не го затекнавме и Мијалков.
Директорот Ќура и тогаш велеше дека одговорно може да тврди оти привилегирани осуденици нема, како и дека куќниот ред целосно се почитува.