Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, победи на изборите за номинации на претседателски кандидати од демократите што вчера се одржаа во Њу Хемпшир.
Согласно прелиминарните резултати од над 90 отсто преброени гласови, за Сандерс гласале 26 отсто од излезените демократски гласачи, за Пит Бутиџич, поранешен градоначалник на Саут Бенд, Индијана, гласале, 24 отсто, а за сенаторката Ејми Клобучар 20 отсто.
Зад нив се сенаторката Елизабет Ворен и поранешниот потпретседател Џо Бајден, кои добија девет и осум отсто од гласовите, додека милијардерот Том Стајер доби четири отсто.
Бутиџич засега е во предност со два делегати пред Сандерс
Се чини дека Бутиџич и Сандерс се позиционираат како водечки фигури и натпреварот меѓу нив, со бројот на освоени гласови и добиени делегати, е речиси изедначен. Бутиџич претходно победи во Ајова и со таа победа и вчерашниот успехот во Њу Хемпшир вчера тој има освоено 23 делегати, додека Сандерс има освоено 21 делегат.
Ова е само почеток на долгата трка во која двајцата ќе ги одмерат силите во големите држави, како Калифорнија, Тексас, Масачусетс и во Вирџинија. Токму овие држави се дел од група од 14 држави кои избираат на таканаречениот супервторник (тоа ќе биде на 3 март), и даваат најголем број делегати за партискиот конгрес во јули, кога се номинира претседателскиот кандидат.
Кампањата на демократските претенденти за претседател неделава продолжува во Невада и Јужна Каролина.
Инаку, по малиот број освоени гласови во Њу Хепшир, од претседателската трка синоќа се повлече технолошкиот претприемач Ендру Јанг.
Трамп победи убедливо кај Републиканците
Кај републиканците, пак, претседателот Доналд Трамп имаше убедлива победа во Њу Хемпшир, додека неговиот противник, поранешниот гувернер на Масачусетс, Бил Велд, доби повеќе од 12 000 гласа или околу 9 проценти од гласовите на републиканците.
Освојувајќи големо мнозинство, Трамп собра повеќе гласови во примарната држава Њу Хемпшир од кој било претседател во историјата.
Бројот на гласовите на Трамп се приближи до историскиот максимум кој го имал некој актуелен претседател – максимумот изнесува 86,43 отсто и го постави Роналд Реган во 1984 година.
Како што пренесуваат американските медиуми, овој резултат е одраз на силната поддршка на републиканците за Трамп и речиси 18-месечната напорна кампања да ја намали секоја значајна закана за неговата кандидатура.
Трамп на Твитер напиша дека медиумите кои пренесуваат лажни вести ги очекува „голема демократска приказна“.
„Зарем не е голема приказна што освоив повеќе примарни гласови во Њу Хемпшир од кој било претседател од двете партии во историјата на таа голема држава? Не е безначаен факт“,
напиша Трамп.