Шпанија секогаш ќе биде за разговор, но, без никакво сомневање, територијалниот интегритет секогаш мора да се почитува, смета Санчез
Шпанскиот премиер Педро Санчез во Белград истакна дека Шпанија ја поддржува Србија на патот кон Европската Унија и дека е со неа кога е во прашање Косово. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, на заедничката прес-конференција по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Белград изјави дека „Мадрид ја поддржува Србија на патот кон ЕУ без да бара влакно во јајцето и без дополнителни услови“.
„Шпанија ја поддржува Србија кога е во прашање Косово, Шпанија секогаш ќе биде за разговор, но, без никакво сомневање, територијалниот интегритет секогаш мора да се почитува“,
истакна Педро Санчез.
Тој додаде дека Шпанија беше и ќе биде со Србија во одбрана на овие вредности и секогаш ќе се залага за разговор меѓу двете страни за решавање на тие проблеми.
Александар Вучиќ додаде дека разговарале за европскиот пат на Србија и на Шпанија и изрази благодарност за континуираната поддршка и почитувањето на територијалниот интегритет на Србија.
„Разговаравме за европскиот пат на Србија, благодарен сум за континуираната поддршка. Шпанија е искрен пријател и ја поддржува Србија, тоа го почувствувавме и во Брисел“,
рече Вучиќ.
Тој кажа и дека Србија ќе продолжи да купува воена опрема од Шпанија, а веќе има набавено два шпански транспортни авиони.
Вучиќ изјави дека на средбата со шпанскиот премеир Педро Санчез разговарале и за иницијативата Отворен Балкан.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез по средбата со Александар Вучиќ на Твитер напиша дека на вечерата во Белград, на претседателот на Србија му ја пренел поддршката на Шпанија за полноправното членство на Србија во Европската Унија.
„Војната е причината да почнеме да размислуваме за тоа што е Европа и кои сме ние Европејците. Не можеме да го заборавиме Западен Балкан. Денеска на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му ја пренесов поддршката на Шпанија за Србија да стане полноправна членка на ЕУ. Сега е момент“,
напиша шпанскиот премиер на Твитер.