Слободан Узунов од МНР веќе може да замине во мисијата во Њу Делхи, додека за утре е закажано продолжение на седницата на Комисијата за надворешна политика, на чиј дневен ред преостанати се точките за презентација на тезите на новоименуваните амбасадори во Москва, Рим и во Виена
Само Слободан Узунов од МНР вчера стигна да ја презентира пред пратениците својата платформа за дипломатски активности како вонреден и ополномоштен амбасадор на С Македонија во Индија.
Другите тројца новоименувани амбасадори, кои веќе пет месеци чекаат да ја поминат последната фаза пред заминувањето на функцијата, добија нова шанса утре да ги претстават своите платформи пред собраниската Комисија за надворешни работи.
Оваа Комисија заседаваше и вчера, ама седницата била прекината по презентацијата на Узунов. Како што велат членови на Комисијата, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ побарала пауза од еден час, по што не било закажано продолжение на седницата до крајот на работниот ден.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешни работи, закажал за утре продолжение на седницата на чиј дневен ред останаа точките за претставување на платформите на новите амбасадори на земјава во Русија (Ненад Колев од МНР), Австрија (Освит Росоклија од МНР) и во Италија (Весел Мемеди – поранешен пратеник на НДП).
Инаку, утре е последен работен ден за Собранието пред почетокот на кампањата за локалните избори в понеделник, на 27 септември. Претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека во следните 20 дена до првиот круг гласање, на 17 октомври, Собранието нема да одржува пленарни седници.