Претседателот на САД, Џозеф Бајден, дојде во Брисел за да присуствува на вонредниот самит на НАТО, втор по ред од почетокот на руската инвазија. Тој ќе учествува и на состанокот на групата најразвиени земји Г-7, а потоа ќе отпатува за Полска. Иако е јасно дека целта на посетата е да се запре руската инвазија, многумина во ова го гледаат стремежот на Бајден да го потврди лидерството на Америка на глобалната сцена
Обединети сме во осудувањето на неиспровоцираната агресија на Кремљ и во нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во воведниот говор на денешниот самит на НАТО.

Тој нагласи дека вонредниот самит на НАТО се одржува во критично време за безбедноста и ѝ оддаде почит на големата храброст на украинскиот народ и на украинските вооружени сили кои се борат за својата слобода и своите права.
„Ги препознаваме и оние во Русија кои храбро зборуваат против војната. Ги слушаме нивните гласови. Тие се важни“,
нагласи Столтенберг и додаде дека ќе продолжат да се воведуваат санкции против Русија за да се стави крај на оваа брутална војна.
Столтенберг најави дека на самитот на Алијансата ќе се разговара за поддршката на сојузниците за Украина, напорите на НАТО да ја зајакне одбраната сега и во годините што доаѓаат.
„Веќе правиме повеќе. На копно. На море. И во воздух. Тоа е неопходно за да се одговори на новата безбедносна реалност во Европа“,
нагласи генералниот секретар на НАТО.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски учествува на денешниот самит НАТО. Зеленски се вклучи преку видеоврска и порача дека чувствува оти неговата земја се наоѓа во сива зона меѓу Западот и Русија бидејќи не е ниту член на Алијансата, но, како што нагласи, Украина ги брани заедничките вредности, пренесува Би-би-си.
Вонредниот самит на Северноатлантската алијанса потоа продолжи зад затворени врати.

Претседателот на САД, Џозеф Бајден, дојде во Брисел за да присуствува на вонредниот самит на НАТО, втор по ред од почетокот на руската инвазија. Тој ќе учествува и на состанокот на групата најразвиени земји Г-7, а потоа ќе отпатува за Полска. Иако е јасно дека целта на посетата е да се запре руската инвазија, многумина во ова го гледаат стремежот на Бајден да го потврди лидерството на Америка на глобалната сцена.
Кога станува збор за Украина, извесно е дека на самитот на Алијансата ќе биде договорено зголемување на притисокот врз Русија. Како што најави и Столтенберг, дополнителни трупи на НАТО ќе бидат распоредени во Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка.
Се очекува да се разговара и за зголемување на нивото на сајбер-одбраната, како и организирање почести сојузнички воени вежби.
Советникот за безбедност на Бајден, Џејк Саливан, исто така деновиве изјави дека американскиот претседател ќе разговара со другите лидери како НАТО ќе им пристапи на источните членки.
Ќе стават ли на маса нови санкции?
Сепак, се чини дека Бајден ќе посвети многу повеќе внимание на други прашања, што би можело да се искористи за да покаже дека го одржал предизборното ветување – да ги врати САД на клучната место во НАТО.
Затоа се верува дека Бајден денеска на самитот ќе претстави нови санкции кон Русија. Тој ќе ги претстави и плановите за вонредна ситуација, во случај Русија да употреби хемиско или нуклеарно оружје.
Дополнително, во пресрет на посетата на Бајден на Европа, Пентагон ѝ претстави на Белата куќа опции за потенцијално распоредување на американски војници во Европа, кои американскиот лидер ќе ги претстави на оваа средба.

Посетата на Варшава – утешна награда за Зеленски?
Кога станува збор за посетата на Бајден на Полска, која граничи со Украина и во која досега пристигнале неколку милиони бегалци, се чини дека американскиот лидер сака да му каже на својот украински колега Володимир Зеленски дека е на негова страна.
Зеленски од почетокот на инвазијата практично неколкупати бараше Бајден да го посети Киев, но за тоа никогаш не се размислувало.
Како акциите на НАТО да бидат ефикасни?
Како што тврди самиот Бајден, инвазијата ја обедини Алијансата повеќе од кога било, но НАТО допрва треба да ја покаже својата ефикасност и да влијае на крајот на едномесечната војна.
Сепак, Зеленски пред неколку недели ја демантираше оваа идилична слика велејќи дека принципот на колективна одбрана на членките на Алијансата е послаб од кога било.
Како Русија ќе реагира на обединетиот Запад?
Она што може да биде проблем е тоа што имиџот на усогласен Запад може сериозно да го вознемири рускиот претседател Владимир Путин, сметаат аналитичарите.
И самиот портпарол на Кремљ Дмитриј Песков, изјави дека воведувањето на каква било мировна мисија на НАТО во Украина би било повеќе од опасно за сите., нешто што претходно го кажа и министерот за надворешни работи Лавров.