Тој од конгресмените побара да воведат уште построги санкции кон сите руски политичари, од Бајден да биде лидер на мирот и уште еднаш повика НАТО да го затвори небото над Украина или, ако тоа не е можно, да ѝ дадат авиони на Украина да се брани
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска доби голем аплауз и овации од стотици американски конгресмени и сенатори кои на Капитол Хил го слушаа неговото обраќање.
Тој вели дека неговиот народ се бори за вредностите на Европа и светот, како и за своите.
„Силен не значи голем. Силниот е храбар и подготвен да се бори за животот на своите граѓани и граѓаните на светот“,
додаде Зеленски.
Украинскиот претседател вели дека неговата земја е благодарна за американската поддршка во војната досега, но го повика Конгресот да направи повеќе и да донесе повеќе санкции „додека не се запре руската воена машинерија“.
Тој предложи да се санкционираат сите политичари во Руската Федерација.
„Сите американски компании мора веднаш да го напуштат рускиот пазар бидејќи тој е преплавен со наша крв“,
додаде тој повикувајќи ги конгресмените да продолжат со притисок врз фирмите што се уште останале на рускиот пазар.
Тој потоа ги спомена Втората светска војна и 11 септември 2001 година, кога беа нападнати невини луѓе.
„Русија го претвори украинското небо во извор на смрт за илјадници луѓе“,
изјави тој пред Конгресот.
Зеленски вели дека Украина бара одговор на овој „терор“ од руските воздушни напади и бара да се воведе зона на забранети летови.
„Дали бараме премногу?“,
праша тој и побара одбранбен систем што му е потребен од воздушни напади.
Тој бара авиони за заштита на слободата на Украина.
Членките на НАТО досега одбиваа да воведат зона на забранети летови над Украина, тврдејќи дека тоа би ризикувало ескалација со Русија.
Потоа рече дека има речиси 45 години и дека „нема смисла да се живее ако не може да се запре смртта“. Потоа зборуваше на англиски јазик.
„Како лидер на нацијата, му се обраќам на претседателот Бајден. Вие сте лидер на нацијата. Сакам да бидете лидер на светот. Да се биде лидер на светот значи да се биде лидер на мирот. Благодарам“,
рече тој.
Тој на Конгресот му покажа видео од уништувањата на неговата земја од руските сили и ѝ порача на Америка:
„Да се биде лидер на светот значи да се биде лидер на мирот“.
President Zelensky shows the United States Congress a video of his nation being destroyed by Vladimir Putin’s forces, and tells America: “Being the leader of the world means to be the leader of peace.” pic.twitter.com/QBFYc8Ex1H
— Josh Campbell (@joshscampbell) March 16, 2022
Тој во говорот директно му се обрати и на Бајден.
„Мирот во вашата земја повеќе не зависи само од вас и од вашиот народ. Зависи од оние до тебе, од оние кои се силни“,
рече Зеленски.
Својот говор го заврши на украински со зборовите „Слава на Украина“, што предизвика аплауз и овации на Капитол Хил.