Четири часа пред закажаниот старт на церемонијата за доделување на Оскарите, еден од кинематограферите на „Медена земја“, Самир Љума, се вклучи во живо на социјалната мрежа „Фејсбук“. На видеото кое тој одлучи да го сподели може да се види како си приготвува јадење.
„Припрема пред Оскари. Ајде чао, се гледамо вечер на црвен тепих. Сите други се спремни. Само уште јас да каснам“,
вели Самир Љума во видеото.
Пред малку Љума објави и фотографија со кинематограферот Фејми Даут, овојпат подготвени за црвениот тепих.
Кинематограферите на „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, веќе ја добија наградата за најдобра кинематографија за Документарен филм на 34. доделување на ASC наградите (The American Society of Cinematographers).
„ASC Award“ важи за најпрестижна светска награда во областа на кинематографијата, бидејќи ја доделува Асоцијацијата на кинематографери на Америка (ASC).
Наградата на кинематограферите им ја врачи режисерот Тод Филипс, кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.
„Медена земја“ е во трката за претстојните „Оскари“ во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продукцијата е на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.